Семејствата на Верица и Иле стапија во контакт: Изгубив сестра, но добив брат!

by fokus

Семејството на 20-годишната Верица Белчовска од Берово, чие срце сега чука во градите на младиот Иле Стрезовски од Брвеница, и семејството на Иле, стапиле во контакт. Цветко, таткото на Иле за ,,Фокус” вели дека телефонски разговарал со Мартин, братот на Верче, и целата фамилија не може да се совземе од емоциите. Болка, неизвесност, страв, благодарност, се соочувале со помешани чувства, но како што вели, над се преовладувала огромната благодарност кон хуманата фамилија Белчовски, чиј гест му дал нова шанса на Иле, но и на многу други луѓе.

-Се слушнавме со братот на Верче телефонски. Изгубив сестра, но добив брат, ми рече. Со таа реченица е кажано се, нашата благодарност не може да се опише со зборови, сите ние се уште сме како во сон, полека започнуваме да сфаќаме што навистина се случи.
Двете сестри на Иле заедно со зетот вчера заминаа во Русиново, да присуствуваат на погребот на Верче. Тоа е најмалку што можеме да направиме, да ја покажеме нашата почит кон девојката чиј живот трагично заврши, но и кон нејзиното семејство кое ја покажа целата своја големина со хуманиот гест. Вечно сме им благодарни, да се стабилизира состојбата на Иле, да помине сето ова, секако дека планираме во иднина и лично сите да се запознаеме, да се видиме со луѓето чија добрина ја трогна целата земја – раскажува таткото.


Појаснува дека Иле е во добра состојба, започнал да јаде, разговарале… Вели дека дома сите со нетрпение чекаат да заврши хоспитализацијата и тој да си дојде за да биде со семејството.

-Операцијата траеше со часови, јас заедно со мој внук чекав во болницата. Ми кажаа дека првите 24 часа по операцијата исто така се најважни, и не знам како ми помина сето тоа време. Секоја минута како една година! Страв, неизвесност, чекање… Среќни сме што добро се заврши.
Ги благословуваме фамилијата Белчовски, целиот медицински тим, министерот за здравство Венко Филипче, но исто така сме преблагодарни на целата јавност која ни даваше поддршка. Сите добри луѓе кои барем за момент се ставија во наша положба, кои со искрени емоции ни посакаа здравје – вели Цветко.

Сопругата на Иле, Маја, вели дека тешкиот период е зад нив, и го очекува својот сопруг да се врати во домот. Се радува на сите идни времиња кои се пред нив, а љубовта и поддршката ги воделе низ животот додека им било најтешко.

-Во добро и во лошо, нашата љубов е тука, по се што поминавме заедно, уште посилна. Во брак сме околу две години, сето ова низ кое минавме не направи уште поблиски, сплотени. Со нетрпение чекам Иле да се врати дома, голема благодарност до фамилијата на Верче за шансата која ни ја пружи, до лекарите, до сите кои ни упатија зборови со поддршка. Ова е една животна приказна за која тешко се наоѓаат вистинските реченици, што и да кажеме, не можеме да ги доловиме емоциите кои се во нас- вели Маја.

Трансплантацијата на срце на Иле, која се случи на Клиниката на Државна Кардиохирургија, вечерта во петокот кон саботата, е втора во земјава. Пред неполна година, Иван Огненовски од Скопје го доби срцето на Емилија Динева од Дојран.

Вики Клинчарова

Поврзани новости