Семејствата на киднапираните започнаа протестен марш од Тел Авив до Ерусалим

by Fokus

Семејствата на заложниците кои Хамас ги киднапираше во нападите од Газа на југот на Израел на 7 октомври денеска тргнаа од Тел Авив на петдневен протестен марш, барајќи итен договор за нивно ослободување.

Учесниците на маршот ќе поминат вкупно 63 километри и ќе се соберат пред канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да побараат од него „итно ослободување на сите заложници“, соопшти Форумот на семејствата.

Набрзина формиран по нападите и киднапирањата на 7 октомври, форумот се повеќе организира протести за да изврши притисок врз владата и да го задржи вниманието на медиумите.

Новиот протест беше инициран од Јувал Харан, чиј татко Авшалом беше убиен, а мајката Шошана беше киднапирана заедно со уште шест членови на семејството. Роднините на киднапираните носат црни маици со фотографии од нивните киднапирани роднини, како и постери.

На маршот учествуваат повеќе од стотина роднини и нивни пријатели. Тие денеска напладне почнаа пред Музејот на ликовни уметности во Тел Авив, кој стана главно место за собирање.

Неколку учесници носеа транспаренти на кои пишуваше „Договор за заложници, сега“.

Протестот беше организиран бидејќи Израел и Хамас, наводно, постигнале договор преку посредници за ослободување на десетици жени и деца кои ги држи организацијата, која управува со Газа.

Нетанјаху во неделата во интервју за американскиот NBC (NBC) ја спомена можноста за потенцијален договор за ослободување на заложниците.

Во понеделникот Хамас ги обвини израелските власти дека ги закочиле преговорите со посредство на Катар за ослободување на десетици заложници во замена за 200 деца и 75 жени кои ги држел Израел.

Од почетокот на војната, според Министерството за Газа, во Појасот Газа се убиени 11.240 луѓе, главно цивили, меѓу кои 4.630 деца.

Поврзани новости