(АРХИВА) Семејни фирми вртат и заработуваат милиони, нова компанија веднаш „улови“ тендери за медицинска опрема во време на ковид!

Без разлика што членовите на семејството Камчеви имаа проблеми со законот, тоа не значи дека нивниот бизнис трпеше, туку низ годините фирми никнуваа како печурки. Една од нив е „Р&Д Центер“, формирана на крајот на 2019 година, или само 2 месеца пред да избие ковид-пандемијата. Компанијата се занимава со набавка на заштитна опрема, па од неа во тој период набавуваат министерства, институции и доста болници. Како нејзин сопственик се јавува сестрата на Камчев - Кристина, која фигурира во вкупно пет семејни компании. Дел од нив, во чија структура е мајката Ратка, бележат драстична промена во финансиските резултати од година во година. Но, заедничко е дека речиси секогаш остваруваат големи профити.

by Fokus

Текстот е објавен на 3 ноември, 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1465

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Не е толку „популарна“ како нејзиниот брат, но, сепак, е име познато на јавноста, особено кога ќе се спомене презимето Камчева. Првата асоцијација нормално е дека се работи за блиска роднина на македонскиот бизнисмен Орце Камчев, односно станува збор за неговата сестра Кристина.

Факт е дека повеќе од три децении, неговото име редовно завршува во медиумите. При крајот на 1990-тите, на површина излегоа неговите политички амбиции, па откако тука наиде на неуспех, ја продолжи семејната традиција и направи бизнис-империја со бројни фирми.
За време на децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше во блиски релации со поранешниот премиер Никола Груевски и посебно со неговиот прв братучед, екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој дури и му беше кум на свадбата со втората сопруга, адвокатката Ана Камчева.

По доаѓањето на Груевски на власт, сѐ повеќе почна да расте бизнис-влијанието на Камчеви, а со самото тоа и да се зголемува семејниот капитал.

Така, во 2010 година ја создаде првата Клиничка болница „Систина“, која за само една година стана дел од турскиот синџир болници „Аџибадем“.

Потоа се редеа компании, а неговото име одекна и во „бомбите“ на екс премиерот Зоран Заев, поради што беше обвинет за неколку кривични дела, од кои успеа да се спаси од затворски решетки.

Освен него, семејната традиција ја продолжува и неговата сестра, која, според официјалните податоци, како сопственик и управител фигурира во неколку компании.

Таа не се експонира многу во јавноста, па можеби едно од ретките интервјуа го има дадено во мај, 2018 година за порталот „Фактор“.

Камчева, во интервјуто, отворено зборува за компаниите што ги раководи, како планира да продолжи понатаму да го развива бизнисот, а говори и за нејзината тогаш 13-годишна ќерка Олимпија.

По неколку години, нејзиното име повторно се најде во медиумите, кога заврши на листата осомничени за случајот „Империја“, но, сепак, не седна на обвинителна клупа. Така, експресно заврши нејзиниот пат по судските лавиринти.

НОВА ФИРМА ЗА ЗАШТИТНА ОПРЕМА

Без разлика на тоа што членовите на семејството Камчеви имаа проблеми со законот, тоа не значи дека нивниот бизнис трпеше, туку низ годините само се редеа новите фирми, кои никнуваа како печурки.

Познатиот бизнисмен Камчев, кој пред седум години, според економскиот магазин „Форбс“ беше прогласен за најбогат Македонец, само пред неколку месеци заврши на американската „црна листа“.

Тоа не значи дека на кој било начин неговите бизниси тука и во Бугарија и во Русија ќе го „почувствуваат“ товарот на црната листа.

Од пред неколку години, поточно од 2019 година, тој сѐ помалку фигурира во компаниите, со кои раководат негови блиски роднини.

Меѓу нив е неговата сестра Кристина, чие име сѐ повеќе може да се сретне како сопственик, управител, директор, член на извршен или на неизвршен одбор на некоја од семејните фирми.

Според податоците од Централниот регистар, нејзиното име официјално фигурира во 5 компании, а како една од поновите фирми се смета Р&Д Центер“, која врши дејност – трговија на големо со фармацевтски производи. Како управител се јавува извесна Ленче Ангеловска.

Документите покажуваат дека компанијата е формирана пред нецели 4 години, поточно на 10 декември, 2019 година и е лоцирана на познатата адреса „Скупи 3А“ во Карпош.

Тоа што е карактеристично за оваа компанија е што се формира баш во период кога ковид-пандемијата напаѓа во целиот свет, а во Македонија официјално се појавува 2 месеца подоцна, на 26 февруари, 2020 година.
Тогаш актуелниот министер за здравство Венко Филипче од владината говорница соопшти за првиот случај на заболен од корона вирус.

Оваа компанија набавува сѐ, од санитетски материјал што е потребен за заштита од ковид, како скафандери, маски, капи, каљачи, визири и очила, мантили за ЕУ, стерилни мантили, антибактериски гел, стерилни ракавици…

Тоа го покажуваат и податоците на Бирото за јавни набавки, каде што може да се забележи дека „Р&Д Центер“ во тој период работи турбо, иако не станува збор за некои високи суми на пари, со оглед дека заштитната опрема се продаваше по релативно пониски цени. Оттука, дел од тендерите се водат како  набавки од мала вредност.

Сепак, победничката компанија често добивала тендер во конкуренција од 10 до 20 компании што аплицирале, но на крај пресудна е најниската цена.

Податоците на БЈН уште покажуваат дека фирмата најмногу тендери добивала за време на најголемиот бран на ковид, односно критичните 2020 и 2021 година.

Од нив заштитна опрема набавувале многу од јавните здравствени установи, Македонската академија на науките и уметностите, Државна видеолотарија, Министерство за одбрана, МИА, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Агенција за национална безбедност…

Според јавно достапните информации, вкупната вредност на сите тендери изнесува 151.138 евра.

Тоа трае сѐ до средината на 2022 година, кога наеднаш настанува затишје, а направените проверки покажуваат дека последната година оваа компанија не добила ниту еден тендер.

БИЗНИСИТЕ НА СЕСТРАТА НА КАМЧЕВ

Дополнителното прашање што произлегува од оваа приказна е како една компанија, која може да се доведе до одредена релација со најголемата приватна болница „Аџибадем Систина“, работи турбо со јавни тендери за време на најголемата пандемија?

Во тоа време, тогашниот министер Филипче упорно го споменуваше партнерството меѓу јавното и приватното здравство, почнувајќи од детската кардиохирургија, па сѐ до приватизирање на Итната помош. Проекти, кои, сепак, не успеа да ги протне.

Во таа насока, тој пред неколку недели, во интервју за Канал 5 рече дека на лекарите од јавното здравство треба да им се дозволи дополнително да работат во приватните болници, сѐ со цел да се спречи одливот на кадар од јавното здравство.

Колку за потсетување, своевремено пред судот, излегувајќи од рочиште за случајот „Рекет“, Камчев изјави дека се познава со Филипче и дека своевремено соработувале.

Исто така, кога букна ковидот, односно кога сите заразени пациенти требаше да бидат во изолација по 14 дена, бизнисменот Камчев го понуди хотелот „Ибис“, како можно решение, каде што ќе можат да бидат сместени заболените од корона вирусот.

За неполн месец откако во Македонија се појави смртоносниот вирус, „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“ на 15 март, 2020 година излегоа со соопштение дека на Министерството за здравство му ставаат на располагање над 150 соби во хотелот „Ибис“ (поранешна болница Мала Богородица – Систина“).

Хотелот комплетно ќе биде пренаменет во Центар за изолација на сомнителни лица на вирусот корона, на кои им е определен 14-дневен изолационен период (карантин) од надлежните здравствени институции.

Дополнително ќе биде обезбеден медицински тим од „Аџибадем Систина“, заедно со сета друга неопходна медицинска поддршка. Сите трошоци околу нивниот престој ќе бидат покриени од „Аџибадем Систина“ и „Орка холдинг“, се наведуваше во соопштението од тој период.

Со оглед на тоа што историјатот покажува дека во компаниите на Камчеви постојано се прават промени во сопственичката и управителската структура, со овој хотел познат како „О.К хотел“ во моментов управува сестрата на Камчев и извесна Селда Рамадановиќ, додека, пак, како сопственик фигурира познатата „Орка холдинг“.

Ако се направи мало пребарување на интернет, може да се забележи дека подружницата го носи името „Ибис Стајалс“, хотел лоциран на улицата Лондонска бр. 19, на само 2,8 километри од центарот на Скопје.

Како што се наведува во описот на хотелот, дизајнот нуди бројни современи погодности, како што се модерни фоаје, бар, снек-бар, продавница за подароци и бесплатен ви-фи.

Сите соби во „ОК хотел“ имаат модерен и елегантен дизајн, со висококвалитетни душеци за спиење, клима-уред, сеф, телевизор со рамен екран и конфорна бања. Хотелот нуди 24-часовна услуга на рецепција, како и услуги на перење и хемиско чистење на гардероба, чување багаж и видеонадзор“, продолжува понатаму во дел од описот на хотелот.

ЗОШТО „СИСТИНА“ ПРЕКИНА СО ХЕМОФИЛТРАЦИЈАТА?

Од тука се навраќаме повторно на првите неколку месеци по избивањето на ковид-пандемијата и кога целиот свет беше во хаос, не знаејќи како да се справат со опасниот вирус.

Во тој период, многу ќарија приватните болници, кои ги надуваа цените и за тестовите и за лекувањето и хоспитализацијата на заразените. Државата се тргна настрана, па таму граѓаните плаќаа баснословни суми за лекување.

Враќајќи се три години наназад и листајќи ги соопштенијата исполнети со пофални зборови на сите приватни болници, меѓу кои и „Аџибадем Систина“, можеме да забележиме дека, покрај Жан Митрев, познатиот метод на хемофилтрација на почетокот на пандемијата наголемо бил промовиран и кај нив.

Дури, на официјалната страница на болницата може да се најдат еден куп соопштенија на оваа тема, особено кога од Градската болница „8 Септември“ на работа во „Систина“ преминува инфектологот Патриција Каламарас.
Во едно од соопштението е наведена огромната благодарност, која пациент спасен од ковид ја има кон целиот тим на доктори и дека методот на хемофилтрација му го спасил животот.

На одделот бев хоспитализиран 8 дена и си заминав дома сосема здрав. Можам само да ѝ упатам длабок наклон на докторката и да кажам дека таа е заслужна што денес сум жив –  вели 58-годишниот пациент Раде Симеоновски.

Пациентот бил поставен на кислородна терапија, интравенски примал течност и комбиниран антибиотски третман, кортико и антикоагулантна терапија. Исто така бил третиран и со хемофилтрација.

Инфектологот Каламарас потенцираше дека кај пациентот се развила и цитокинска бура и дека поради тоа бил третиран со терапија исклучиво наменета за таква состојба.

Но, тука не завршуваат пофалбите за методот хемофилтрација. И самиот Камчев во едно од интервјуата поставени на официјалната страница на „Аџибадем Систина“, покрај сите пофалби што ги упатува на нивна адреса, за сѐ што направиле за пациентите заразени со ковид, какви тестови набавиле, колку се брзи, какви методи на лекување вовеле и тој го споменува методот хемофилтрација.

Отворивме и инфективен оддел на кој со врвен тим на инфектолози и останат медицински персонал понудивме најсовремени методи при грижата за пациенти заразени со вирусот.

Технологијата и опремата заедно со практиките што се применуваа единствено во „Аџибадем Систина“, како што е ЕКМО методата или методот на хемофилтрација, придонесоа за позитивен исход и најголем број успешно излекувани пациенти – објаснуваше Камчев во 2020 година.

Но, наеднаш по толку фалење, во „Систина“ прекинаа да го изведуваат методот на хемофилтрација, за што излегоа и со посебно соопштение до јавноста. Дали некој, кој и како им укажал, останува само да претпоставуваме.

Во него, тие индиректно наведуваат друга болница што го користела методот, а со еден клик на нивната страна, може да се забележи дека и тие претходно се фалат со пациенти излекувани со хемофилтрација.

Соопштението излегува на 30 јули, 2020 година, а самиот Камчев неколку месеци подоцна, дури во декември истата година се фали со оваа метода на лекување.

Досега, во светски рамки не постои препорачан концепт на лекување на пациентите со ковид-19 кој го вклучува методот на хемофилтрација. По темелни истражувања на оваа тема не наидовме на ниту едно експертско, стручно мислење или доказ дека лекувањето со хемофилтрација е препорачан или ефикасен метод за општа употреба, а уште помалку дека истиот е медицински докажан и оправдан.

Побаравме и стручно мислење од моментално најрелевантната институција и стручниот тим на Клиниката за инфективни болести и добивме одговор дека нашите сознанија кореспондираат со мислењето на стручниот тим на инфектолози – се работи за третман кој нема никаква научна подлога во лекувањето на ковид-19“, се наведува во соопштеното од „Аџибадем Систина“, пренесено од дел од медиумите.

ВРТОГЛАВ ОБРТ И ГОЛЕМИ ДОБИВКИ

Како што рековме, сестрата на Камчев, во последните неколку години сѐ повеќе фигурира во семејните фирми, па една од нив е и „Орка фајнанс“. Нејзин сопственик е мајката Ратка Куноска-Камчева, која заедно со ќерката Кристина управуваат со компанијата.

Според податоците од Централниот регистар, компанијата на бизнис-пазарот се појавува пред 13 години, поточно на 8 февруари, 2010 година, кога друштвото е основано со паричен влог од 7.810.000 денари и непаричен влог од 310.000 денари.

Ако се разгледа како финансиски функционира низ годините, можат да се забележат евидентни разлики во приходите, расходите и добивката во 2019 и во 2020 година. Што значи тоа?

Податоците покажуваат дека истата оваа компанија во 2019 година имала вкупно приходи од 34.876.325 денари, додека само една година подоцна, во 2020 година, приходите изнесувале 795.206 денари, што претставува фрапантен пад.

Слично е и со добивката, односно заработката што ја има компанијата. Во 2019 година има чиста нето-добивка од 32.922.137 денари, додека во 2020 заработката опаѓа на 553.693 денари.

Но, тоа не е сѐ. Под водство на мајката на Камчев е и компанијата „Камчев консалтинг“, која фигурира и како сопственик и како управител на истата, а е лоцирана на адресата на која се наоѓаат повеќето нивни фирми – „Скупи“ 3/А во скопски Карпош.

Компанијата не е нова, основана е на 31 јануари, 2008 година со уплатен дел од 5.120 евра. Сепак, во однос на финансиите, фирмата во 2021 година работи турбо.

Само за таа година има обрт на пари од 289.011.930 денари, додека добивката изнесува цели 214.861.723 денари. Во следната 2022 година, приходите паѓаат на 38.010.997 денари, но повторно има мали расходи, па годинава завршува со добивка од 32.811.566 денари.

Вака или така, компаниите на Камчеви работат солидно. Без разлика на тоа што главниот бизнисмен излегува од компаниите, тоа не значи дека империјата се распаѓа, напротив бизнисот се одржува, па дури во одредени сегменти и цвета.

Или, како што скоро пееше Камчев на една прослава, преработувајќи песна од Здравко Чолиќ – Орце не се предава!

РАМКА

ОД ФИРМИТЕ НА КАМЧЕВИ НЕ ОДГОВОРИЈА НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“

„Фокус“ уште во претходната недела се обрати до неколку од компаниите на семејството Камчеви, каде што поставивме неколку прашања. Но, до затворањето на неделникот, не добивме повратни одговори.

Поврзани новости