Семејни фирми на Камчеви вртат и заработуваат милиони, нова компанија веднаш „улови“ тендери за медицинска опрема во време на ковид!

by Fokus

Без разлика на тоа што членовите на семејството Камчеви имаа проблеми со законот, тоа не значи дека нивниот бизнис трпеше, туку низ годините само се редеа новите фирми, кои никнуваа како печурки.

Познатиот бизнисмен Орце Камчев, кој пред седум години, според економскиот магазин „Форбс“ беше прогласен за најбогат Македонец, само пред неколку месеци заврши на американската „црна листа“.

Тоа не значи дека на кој било начин неговите бизниси тука и во Бугарија и во Русија ќе го „почувствуваат“ товарот на црната листа.

Од пред неколку години, поточно од 2019 година, тој сѐ помалку фигурира во компаниите, со кои раководат негови блиски роднини.

Меѓу нив е неговата сестра Кристина, чие име сѐ повеќе може да се сретне како сопственик, управител, директор, член на извршен или на неизвршен одбор на некоја од семејните фирми.

Според податоците од Централниот регистар, нејзиното име официјално фигурира во 5 компании, а како една од поновите фирми се смета Р&Д Центер“, која врши дејност – трговија на големо со фармацевтски производи. Како управител се јавува извесна Ленче Ангеловска.

Документите покажуваат дека компанијата е формирана пред нецели 4 години, поточно на 10 декември, 2019 година и е лоцирана на познатата адреса „Скупи 3А“ во Карпош.

Тоа што е карактеристично за оваа компанија е што се формира баш во период кога ковид-пандемијата напаѓа во целиот свет, а во Македонија официјално се појавува 2 месеца подоцна, на 26 февруари, 2020 година.
Тогаш актуелниот министер за здравство Венко Филипче од владината говорница соопшти за првиот случај на заболен од корона вирус.

Оваа компанија набавува сѐ, од санитетски материјал што е потребен за заштита од ковид, како скафандери, маски, капи, каљачи, визири и очила, мантили за ЕУ, стерилни мантили, антибактериски гел, стерилни ракавици…

Тоа го покажуваат и податоците на Бирото за јавни набавки, каде што може да се забележи дека „Р&Д Центер“ во тој период работи турбо, иако не станува збор за некои високи суми на пари, со оглед дека заштитната опрема се продаваше по релативно пониски цени. Оттука, дел од тендерите се водат како  набавки од мала вредност.

Сепак, победничката компанија често добивала тендер во конкуренција од 10 до 20 компании што аплицирале, но на крај пресудна е најниската цена.

Податоците на БЈН уште покажуваат дека фирмата најмногу тендери добивала за време на најголемиот бран на ковид, односно критичните 2020 и 2021 година.

Од нив заштитна опрема набавувале многу од јавните здравствени установи, Македонската академија на науките и уметностите, Државна видеолотарија, Министерство за одбрана, МИА, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Агенција за национална безбедност…

Според јавно достапните информации, вкупната вредност на сите тендери изнесува 151.138 евра.

Тоа трае сѐ до средината на 2022 година, кога наеднаш настанува затишје, а направените проверки покажуваат дека последната година оваа компанија не добила ниту еден тендер.

БИЗНИСИТЕ НА СЕСТРАТА НА КАМЧЕВ

Дополнителното прашање што произлегува од оваа приказна е како една компанија, која може да се доведе до одредена релација со најголемата приватна болница „Аџибадем Систина“, работи турбо со јавни тендери за време на најголемата пандемија?

Во тоа време, тогашниот министер Филипче упорно го споменуваше партнерството меѓу јавното и приватното здравство, почнувајќи од детската кардиохирургија, па сѐ до приватизирање на Итната помош. Проекти, кои, сепак, не успеа да ги протне.

Во таа насока, тој пред неколку недели, во интервју за Канал 5 рече дека на лекарите од јавното здравство треба да им се дозволи дополнително да работат во приватните болници, сѐ со цел да се спречи одливот на кадар од јавното здравство.

Колку за потсетување, своевремено пред судот, излегувајќи од рочиште за случајот „Рекет“, Камчев изјави дека се познава со Филипче и дека своевремено соработувале.

Исто така, кога букна ковидот, односно кога сите заразени пациенти требаше да бидат во изолација по 14 дена, бизнисменот Камчев го понуди хотелот „Ибис“, како можно решение, каде што ќе можат да бидат сместени заболените од корона вирусот.

За неполн месец откако во Македонија се појави смртоносниот вирус, „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“ на 15 март, 2020 година излегоа со соопштение дека на Министерството за здравство му ставаат на располагање над 150 соби во хотелот „Ибис“ (поранешна болница Мала Богородица – Систина“).

Хотелот комплетно ќе биде пренаменет во Центар за изолација на сомнителни лица на вирусот корона, на кои им е определен 14-дневен изолационен период (карантин) од надлежните здравствени институции.

 

Дополнително ќе биде обезбеден медицински тим од „Аџибадем Систина“, заедно со сета друга неопходна медицинска поддршка. Сите трошоци околу нивниот престој ќе бидат покриени од „Аџибадем Систина“ и „Орка холдинг“, се наведуваше во соопштението од тој период.

Со оглед на тоа што историјатот покажува дека во компаниите на Камчеви постојано се прават промени во сопственичката и управителската структура, со овој хотел познат како „О.К хотел“ во моментов управува сестрата на Камчев и извесна Селда Рамадановиќ, додека, пак, како сопственик фигурира познатата „Орка холдинг“.

Ако се направи мало пребарување на интернет, може да се забележи дека подружницата го носи името „Ибис Стајалс“, хотел лоциран на улицата Лондонска бр. 19, на само 2,8 километри од центарот на Скопје.

Како што се наведува во описот на хотелот, дизајнот нуди бројни современи погодности, како што се модерни фоаје, бар, снек-бар, продавница за подароци и бесплатен ви-фи.

Сите соби во „ОК хотел“ имаат модерен и елегантен дизајн, со висококвалитетни душеци за спиење, клима-уред, сеф, телевизор со рамен екран и конфорна бања.

 

Хотелот нуди 24-часовна услуга на рецепција, како и услуги на перење и хемиско чистење на гардероба, чување багаж и видеонадзор“, продолжува понатаму во дел од описот на хотелот.

 

ВРТОГЛАВ ОБРТ И ГОЛЕМИ ДОБИВКИ

Како што рековме, сестрата на Камчев, во последните неколку години сѐ повеќе фигурира во семејните фирми, па една од нив е и „Орка фајнанс“. Нејзин сопственик е мајката Ратка Куноска-Камчева, која заедно со ќерката Кристина управуваат со компанијата.

Според податоците од Централниот регистар, компанијата на бизнис-пазарот се појавува пред 13 години, поточно на 8 февруари, 2010 година, кога друштвото е основано со паричен влог од 7.810.000 денари и непаричен влог од 310.000 денари.

Ако се разгледа како финансиски функционира низ годините, можат да се забележат евидентни разлики во приходите, расходите и добивката во 2019 и во 2020 година. Што значи тоа?

Податоците покажуваат дека истата оваа компанија во 2019 година имала вкупно приходи од 34.876.325 денари, додека само една година подоцна, во 2020 година, приходите изнесувале 795.206 денари, што претставува фрапантен пад.

Слично е и со добивката, односно заработката што ја има компанијата. Во 2019 година има чиста нето-добивка од 32.922.137 денари, додека во 2020 заработката опаѓа на 553.693 денари.

Но, тоа не е сѐ. Под водство на мајката на Камчев е и компанијата „Камчев консалтинг“, која фигурира и како сопственик и како управител на истата, а е лоцирана на адресата на која се наоѓаат повеќето нивни фирми – „Скупи“ 3/А во скопски Карпош.

Компанијата не е нова, основана е на 31 јануари, 2008 година со уплатен дел од 5.120 евра. Сепак, во однос на финансиите, фирмата во 2021 година работи турбо.

Само за таа година има обрт на пари од 289.011.930 денари, додека добивката изнесува цели 214.861.723 денари. Во следната 2022 година, приходите паѓаат на 38.010.997 денари, но повторно има мали расходи, па годинава завршува со добивка од 32.811.566 денари.

Ирена Мулачка

Поврзани новости