Двајца загинаа, а двајца се тешко повредени во семејната трагедија што се случи изутрината во Прилеп. Повредените се префрлени на лекување на хируршкото одделени во градската болница „Борка Талески“ и лекарите велат дека за едниот е надвор од животна опасност, а за другиот, осомничен за пукањето сѐ уште не може да се каже.
Полицијата и основен јавен обвинител извршија увид на местото на трагедијата и според првичните сознанија 50 годишниот Никола П. со истрели од пиштол ги убил 40-годишната сопруга Александра П. и нејзината мајка, 63 годишната Трајанка К. Со два истрели тешко го повредил братот на сопругата, Љупчо К., а осомничениот има тешки повреди на главата при обидот да биде совладан.
Според основното јавно обвинителство од Прилеп се се случило околу 8 часот изутрината кога во домот на Костовски, родители на неговата сопруга, дошол 50-годишниот Никола П. Со пиштол ги застрелал поранешната сопруга Александра и нејзината мајка Трајанка.
– Јавен обвинител во координација со екипи на крим-техника од Министерството за внатрешни работи, изврши увид во куќа на ул. „Александар Македонски“ во Прилеп каде утринава во 8 часот беа пронајдени две безживотни тела. Безживотните тела на А.П. родена 1979 година и нејзината мајка Т.К. родена 1956 година имале прострелни рани. Во нив пукал сега осомничениот, 50-годишниот поранешен сопруг и зет на починатите. Со две прострелни рани се здобило и уште едно лице, брат и син на оштетените, кое било во просторијата. Во обидот да биде совладан, повреден е и осомничениот. Повредениот оштетен и осомничениот се пренесени во прилепската болница каде им се укажува медицинска помош, стои во соопштението на Обвинителството.
Хирургот и директор на прилепската болница Драган Богоески ги објаснува повредите на двајцата пациенти донесени околу 9 часот во Болницата.
-Изутрината околу 9 часот во болницата се донесени две повредени лица, по кажување на полицијата, по семејна расправија. Донесени се лицата со иницијали Н.П и Љ.К. пациентот Љ.К е со прострелни рани во стомакот и на подлактицата од десната рака од, најверојатно, огнено оружје. Другиот пациент Н.П. е со повреди, претежно на главата, отворени рани на лицето, на левото око. Според наодот од комплутеркта томографија Љ.К. нема повреди на внатрешните органи, а кај Н.П кој е повреден на главата, нема знаци на внатрешно крварење или за контузија, а раните се од тврд предмет, нагмечени, изјави Богоески.
Анестезиологот Mаргарита Пирганоска вели дека повредениот со прострелни рани Љупчо К е надвор од животна опасност, а за 50-годишниот Никола П. засега тоа не може да се рече.
-Пациентот Љ.К е стабилизиран, не е во животозагрозувачка состојба и има стабилни витални параметри. пациентот Н.П: добива лекови, интубиран е и е поставен на респиратор и не може да се каже дека не е во животна опасност, вели таа.
Соседите на семејството Костоски на улицата „Александар Македонски“ се видно вознемирени и знаат дека се мирни луѓе и не слушнале за семејни расправии. Синот на семејството Костоски, сега повредениот Љупчо си дошол со семејството од Америка за крштевка на неговото дете.
Според соопштението на Обвинителството, наредена е обдукција на починатите, а и претрес на домот на осомничениот.
-Издадена е наредба за обдукција над починатите. Обезбедените траги од лице место ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител издаде и наредба за претрес во домот на осомничениот прилепчанец кој, според сознанијата на обвинителството, поради претходно нарушени брачни односи не живеел во заедница со неговата сега почината сопруга, стои во соопштението на Обвинителството.