Во организација на забранетата партија на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин денеска се одржа семакедонски собир во Мелник во Бугарија пред споменикот на Јане Сандански, а по повод 108-годишнината од убиството на македонскиот револуционер.
Стојко Стојков, кој е дел од претседателството на ОМО Илинден Пирин во својот говор порача дека ова е исторски момент и ги повика Македонците ширум светот да се кренат во активна борба за одбрана на македонскиот идентитет, пренесе МКД.МК.
-Сите Македонци во Бугарија – да го оставиме времето на стравот во минатото и храбро да се избориме за нашите права и достоинство. Македонците во Бугарија не се опасност за никого, напротив, придонесуваме за економски, културен и социјален просперитет на државата и како достојни граѓани инсистираме да се почитува нашето достоинство како луѓе, како Македонци и граѓани, рече Стојков.
Тој порача дека Македонците изразуваат протест поради државната политика на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство во Бугарија, поради негирањето на македонската нација и идентитет и обидите за присвојување на македонската историја, јазик и култура од страна на бугарската држава, како и поради дејствијата на бугарските институции против македонските културни клубови во Бугарија.
-Јасно бараме бугарската држава да ги почитува правото, науката и вистината и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет и да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација кон македонската нација во принцип и кон македонското малцинство на својата територија, рече Стојков.
Тој побара македонската држава и македонските политичари да почнат активно да се грижат за македонското малцинство во Бугарија и да го штитат македонскиот идентитет, историја и култура.