Пратеникот на Сириза во грчкиот парламент, Константинос Селцас, ги демантираше македонските медиуми кои пренесувајќи ја неговата изјава дента на потпишувањето на договорот во Преспа, го нарекоа етнички Македонец.
– Не се изјаснувам воопшто како Македонец, во ред? Се изјаснувам како Грк, патриот и тоа е тоа. Го познавам јазикот овде, но никогаш немам изјавено дека сум етнички Македонец. Го зборувам јазикот кој што, што знам…Тоа е – изјави Селцас за грчките медиуми.
На својот фејсбук профил Селцас даде поопширно објаснување и рече дека македонските медиуми лажно ги пренеле неговите изјави.
„Со ова интервју не се осврнав на никакви етницитети и државјанства, бидејќи не знам како да ги атрибуирам на јазникот на кој давав интервју. Мојата врска со тој јазик е само говорна. Јас не реков дека сум етнички Македонец. Ова би го поништило договорот што беше потпишан. Јас сум грчки државјанин и моите сограѓани ме почестија со гласање да ги застапувам во парламентот. Ако употребата на кој било јазик во интервју за странски медиум се смета за кривично дело, тогаш дефинитивно можам да кажам дека чувствувам големо жалење за начинот на кој се развива нашето општество“, напиша Селцас пренесе емисијата „360 степени“.
Неговите деманти следат по лавина реакции во грчките медиуми, кои го осудија Селцас. Пратеникот од Лерин деновиве е мета на хајка. Грчките медиуми го напаѓаат со стиховите „Егејки мајки не родија, тие со Eгеј не задоија, мајчинска клетва ни оставија, клетва за наша Македонија,“ а на грчките телевизии беше објавена видео-снимка на која Селцас е ороводец на македонски песни, како што велат, со иредентистичка тематика: „Зошто да сме душмани, признајте еднаш, сме Македонци, признајте еднаш сме Македонци“…
Како што пренесува „360 степени“ портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос по однос на ова изјавил дека Селцас има право да игра на каква сака музика.
„Се наоѓаме во 2018 година и сите грчки граѓани може да играат на каква музика сакаат, без да бидат критикувани за тоа. Оние што живееле во овие делови знаат дека не станува збор за химна, туку за традиционална песна на која играле 90%, а можеби и 100% од грчките граѓани што живеат во тие области“, рече Ѕанакопулос.