Селмани за „Фокус“: Не треба политичка игра – прво „победа“ над вирусот, после избори!

by Fokus

Вчерашната лидерска средба за договарање на датум за предвремени избори повторно заврши без успех. Лидерите на партиите не успеаја да најдат решение за терминот за нивно одржување.

Дел од јавноста е поделена дали треба избори, кога Северна Македонија се уште не ја добила битката со пандемијата на корона вирусот. Бројот на заболени е намален, но здравствените експерти апелираат на внимателност.

Поранешниот претседателски кандидат и лекар, Имер Селмани, во интервју за „Фокус“ говореше за одржувањето на изборите, кога пред нашата држава е здравствениот титан наречен Ковид-19.

Според Селмани, за доброто здравје на граѓаните и добар животен стандард, мора да има функционална демократија со функционален Парламент.

Кај нас пандемијата се поклопи со распуштање на републичкиот Парламент и нашата држава веќе неколку месеци е без функционално Собрание како највисока демократска државна институција. Оттука, мораме не само да размислуваме, туку и да ги организираме изборите во новите околности и што поскоро да имаме нов парламентарен состав, нова политичка Влада и следствено на тоа сите институции кои Парламентот и Владата ги бираат или именуваат“, вели Селмани.

Како што додава тој, граѓаните се изморени од пандемијата и неизвесноста која таа со себе ја носи. Тој додава, дека најдобар термин за избори е крајот на месец јуни, кога и законски треба да има избори, или почетокот на јули.

Политички игри на топло-ладно помеѓу власта и опозицијата во однос на изборите, во самата техничката влада, вонредната ситуација, полицискиот час, казните итн, секако ја отежнуваат и така тешката ситуација. Вака едноставно не треба и нема веќе да оди. Средината на јуни 2020 можеби е прехрабро да се каже дека ДИК и останатите државни органи ќе бидат подготвени да ги организираат изборите, меѓутоа крајот на јуни или почетокот на јули да“, додава тој.

Гледано од медицински аспект, никој не може да утврди кога ќе се прогласи победа над пандемијата. Сепак, Селмани е оптимист.

Од медицински аспект можеме само да претпоставиме, а не и со сигурност да знаеме како и кога ќе можеме да објавиме „победа“ над вирусот, меѓутоа очекувањата се дека наредниот месец повеќето држави во светот погодени со пандемијата ќе објават триумф. Во регионот пред неколку дена тоа го направи веќе Словенија која имаше многу слични показатели во однос на пандемијата како нашата држава. Оттука треба да се очекува, ако продолжиме да ги почитуваме препораките на здравствените институции до крај, многу скоро и ние можеме да објавиме „победа“ веќе наредниот месец“, порача Селмани.

Нашата држава докажа дека знае како да ги организира изборите, па така верувам дека ќе биде и овојпат, додава поранешниот претседателски кандидат од 2009 година.

Секако дека и да прогласиме „победа“, овојпат мора гласањето да се организира со заштитна опрема. Последните неколку години нашата држава покажа и докажа дека може да организира добри избори. Оттука верувам дека и здравственo-безбедносни мерки можеме ефикасно да ги спроведеме и да не се плашиме од втор бран на корона вирусот. Министерството за здравство најави веќе мерки кои додека не станат официјални, можеби и ќе се надополнат. Најважно е тие мерки да бидат лесно спроведливи и да не ги одвратат нашите граѓани од нивната желба за да излезат и гласаат и второ, мерките треба да се спроведат на секое избирачко место подеднакво и без исклучок во територијата на целата држава“, го заврши разговорот Селмани.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости