После 22 години можеме слободно да кажеме дека имаме, не само солиден прогрес, туку имаме многу добар прогрес којшто може да се оцени со највисоки оценки, според сите параметри во делот во изградбата на државата, градењето на институциите во смисла на еден мултиетнички концепт кој беше со Охридскиот рамковен договор и потоа и со уставните измени, вели поранешниот министер за здравство и градоначалник на Сарај Имер Селмани, кој беше лидер на згаснатата Нова демократија.
-И Македонците имаат право да бараат повеќе права и Албанците имаат право секогаш да бараат повеќе права. Меѓутоа, кога живееме во една заедница тоа е исто како да живееш дома со деца и со сопруга и секогаш на крајот ќе бараш некој компромис. Така што и она што сега после 22 години имаме ситуација каде што еден добар дел од општеството е задоволен, меѓутоа имаме и незадоволни, дали се тоа индивидуи, поголем или помал процент, дали се тоа политичари, сепак е работа којшто ќе еволуира и понатаму и на крајот на денот кога сакаме да ја градиме државата и знаеме дека ова е наша заедничка држава, ќе дојдеме до одреден компромис со кој сите ќе бидеме задоволни – вели Селмани во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој додава дека и Македонците коишто живеат во општини каде Албанците се во поголем процент, каде има градоначалник Албанец и совет со мнозинство Албанци, имаат право за одредени незадоволства.
-Во најголем број Албанци денеска сметаат дека пред 22 години се знаеше дека се однесува на Албанците кога се потпишуваше Охридскиот рамковен договор за да се најде компромис. Меѓутоа, за да се најде некои компромис, во тоа време нели Охридскиот рамковен договор беше еден инструмент за запирање на воениот конфликт во тоа време, беше најдена формулацијата „20 проценти“ која што сите знаевме, и Македонците и Албанците, дека се однесува на Албанците. Сега, после 20 и кусур години, нормално е да се постави прашањето а зошто 20 проценти – вели Селмани.
Во однос на прашањето дали се уште некои живеат со соништата за големи држави или побитна им е правна држава, тој одговара:
„Не. Правна држава, бидејќи мислам дека во момент кога веќе имаме заокружени безбедносни прашања, во смисла кога сме членка на НАТО, најголемата суштинска потреба на граѓаните е да се чувствуваат безбедно од правен аспект, да се чувствуваат рамноправни дека кога ќе се појават пред државната администрација со било кое барање, за мала или голема работа, дека ќе бидат третирани исто како секој друг граѓанин, без разлика на кој социјален слој припаѓа, без разлика дали е политичар, бизнисмен или обичен работник, или кога ќе се појави на суд, во обвинителство или во полиција…“.