Волонтерката Селина Ниеми од Финска трета година престојува во Скопје преку Еразмус размена во Волонтерскиот Центар Скопје (ВЦС). Ниеми пристигнала во Македонија една и пол година пред почетокот на пандемијата Ковид-19.
Тогаш таа започнала со волонтирање во ВЦС каде се занимава со младинска работа преку Еразмус програмите што најчесто вклучува организирање локални настани со квизови, караоке шоуа, отворени сцени, гејминг вечери, работилници за млади.
Во разговор за „Фокус“ таа раскажа за нејзиниот живот во Македонија и најави дека ќе продолжи да живее во нашата земја уште многу години.
„Искрено, не знаев многу за Македонија и балканските простори пред да дојдам тука. Тоа беше како да скокате во длабока непознатост, што беше многу возбудливо. Се заљубив во Македонија уште во 2016 година, кога бев на Еразмус обука во Струга. Година дена подоцна, ја сретнав организацијата (Волонтерски центар Скопје) на семинар во Данска и тогаш ми беше појаснето за целата програма. Европскиот солидарен корпус им овозможува на луѓе од 18 до 30 години да одат во други земји и да волонтираат. Проектите траат од два до 12 месеци, на различни теми“, го започна разговорот Ниеми.
Таа со голема љубов раскажува за животот во Македонија, додавајќи дека запознала многу позитивни луѓе и создала пријателства кои траат.
„Се вљубив во земјата после само неколку месеци. Постојано запознавам нови луѓе, истражувам многу места низ оваа држава. Животот овде ми е многу поактивен, за разлика од тој во Финска. Скопје е град во кој секогаш можете да правите нешто интересно. Каде се моите пријатели, таму сум и јас, бидејќи тие ја создаваат атмосферата“, додава оваа волонтерка.
Ниеми по професија е графички дизајнер, а благодарение на тукашните проекти, повторно почнала да се навраќа кон нејзината примарна професија.
„Прво бев волонтер една година преку ЕВС програмата. Направивме многу настани, караоке забави, младинска работа преку работилници за средношколци со различни теми, пишував и помагав во меѓународни проекти. Немаше можност да се вратам во Финска, па за среќа морав да останам во организацијата како мултимедијален координатор и да волонтирам уште малку. Преку волонтирање не помагате само на други луѓе или општество, туку добивате и вие“, ни посочи таа.
Оваа девојка од Финска честопати е вклучена и во акции за заштита на животната средина во Македонија. Посочува дека разликата помеѓу Финска и Македонија на оваа тема е огромна.
„Морам да кажам дека Финска е на доста добро ниво со заштита на животната средина. Не сакам да навлегувам премногу длабоко во темата, но ако зборувам за едноставните работи; во Финска во основа можете да рециклирате сè што користите. Јас секогаш го вадев ѓубрето и го одделував во седум различни контејнери. Стакло, хартија, картон, био отпад, пластика, метал, мешан отпад. Тоа е еден од проблемите во Македонија што системот за рециклирање сè уште не е развиен за да биде одржлив“, смета Ниеми.
Совеста кај двете нации во врска со екологијата има огромни разлика. Нашата соговорничка е разочаран што државата не е посериозно ангажирана за овој проблем.
„Луѓето во Финска се посвесни за штетата што ни ја прави ѓубрето и затоа заштитата на животната средина е на повисоко ниво. Она што е важно, е луѓето да добијат поддршка од Владата и еколошкото размислување е работа на национално ниво. Тоа е она што недостасува во Македонија. Она што можам да го видам, со задоволство, е тоа што се раѓаат многу различни еко-движења и младите се трудат да ја подигнат свеста и да ја исчистат земјата, но не можам да видам толку голема поддршка од самата земја. За поединците е тешко да се променат, ако немаат поддршка. Да се биде дел од еко-движењето „За почиста Македонија“ ми даде друг вид на намена во оваа земја; да сменам нешто што ми е при срце; да се грижиме за нашиот заеднички дом“, додава оваа волонтерка.
Пандемијата на корона вирусот направи огромни проблеми во светот, па така не го одмина и Волонтерскиот центар Скопје. Сепак и покрај тоа, оваа девојка од Финска нашла и нешто позитивно во целата ситуација.
„Корона вирусот успори многу работи, затоа што во организацијата има многу размени со луѓе преку различни методи. Имаме неколку големи проекти секоја година, кои вклучуваат млади од цела Европа. Ние сме домаќини на волонтери во Македонија и испраќаме Македонци на волонтирање, создаваме различни настани и работилници за локалното население и ги зближуваме младите. Сето ова исчезна со месеци и нашата работа беше само онлајн, создавајќи списание VOICES, онлајн семинари, градење на нашиот визуелен идентитет и веб-страница, користејќи го ова време за да ги зајакнеме нашите капацитети како тим. Лично пандемијата ми даде момент да земам здив и да размислувам што всушност сакам да направам и да ги реализирам работите што сум способна да ги постигнам. Со сигурност знам дека мојот живот во Македонија ќе продолжи со години, и почнав да го градам во насоката што сакам да се развива“, раскажува Ниеми.
Иако нејзината желба била да живее во мал стан во Хелсинки, сепак, животот ја насочил кон други патишта, па така сега живее со цимерки во главниот град на Македонија. Таа со голема страст зборува за Македонија и за сите нејзини природни убавини, кои ги има во голем број.
„Сакам да живеам во заедница, затоа што луѓето постојано се менуваат и искусувам различни личности, култури и размислувања. Ние работиме заедно, живееме заедно и се забавуваме заедно. Имам многу пријатели, а ваа зима тие ме однесоа на скијање за првпат во Маврово и Попова Шапка, беше многу интересно. Правиме секојдневни расчистувања во неделата со „За почиста Македонија“ и го поминуваме целиот ден заедно шетајќи. Мојот живот тука има рутина и јас сум многу возбудена за сите работи што се случуваат околу мене и се прашувам дали ова некогаш ќе запре. Сакам да видам како луѓето ги хранат уличните мачки и кучиња и се грижат за нив во нивните заедници. Сакам кога ќе ги сретнам луѓето, секогаш да се насмеани и да се дружат. Го сакам сонцето и небото преку ноќ, малите водопади среде природа, пешачки патеки на секое место, луѓето уживаат во секој момент и сакам како земјата ме прави да се чувствувам толку пријатно и ми понуди ново семејство и дом во кој живеам“, го заврши разговорот оваа девојка.
Јорданчо Цветаноски