Популарната канадска поп пејачка Селин Дион (54) ја откажа европската турнеја поради здравствени проблеми. Шпекулациите за нејзиното лошо здравје, кои се актуелни во јавноста неколку години наназад, таа ги потврди со емотивно обраќање кон својата публика.
-Жал ми е што ми требаше толку време за да ви се обратам. Многу ми недостигате и едвај чекам да бидам пак на сцената. Како што знаете, секогаш бев како отворена книга и сега сум подготвена се да ви кажам. Долго се борам со здравствени проблеми многу ми беше тешко да се соочам со нив и да зборувам за се низ што минувам. Дијагностициран ми е ретко невролошко пореметување кое вика Синдром на вкочанета личност, и кое погодува едно лице во милион. Ова е ретка состојба која предизвикува грч во мускулите. Тоа влијае врз секој аспект од мојот живот, тешко одам и не можам да пеам на начинот на кој навикнав. Болно ми е што морам да ја откажам европската турнеја – раскажува Селин на Инстаграм.
Додава дека со неа работи тим на одлични лекари, за да си ја врати силата, но борбата била многу тешка. Таа требаше да настапи во Загреб во 2023 година. Европската турнеја која требаше да започне од Прага и да заврши во Лондон беше насловена „Храброст”.
Вики Клинчарова