Канадската пејачка Селин Дион го критикуваше републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп за користење на песна што ја напишала и пеела за филмот „Титаник“ на предизборен митинг.
Трамп беше исмејуван на социјалните мрежи откако песната „My Heart Will Go On“ од 1997 година беше искористена на неговиот предизборен митинг во американската сојузна држава Монтана, додека видеото на Дион што ја изведува беше пуштено на голем екран.
Менаџерите на Дион и нејзината дискографска куќа „Sony Music Entertainment Canada“, рекоа во соопштението на Икс дека употребата на песната или видеото не е „на било каков начин“ авторизирана.
„Селин Дион не ја одобрува оваа или слична употреба… И навистина, ТАА песна?“, се додава во соопштението за медиумите.
Корисниците на социјалните мрежи ја споредија кампањата на Трамп со брод што тоне во филмот на Џејмс Камерон.
Песната „My Heart Will Go On“ беше објавена на албумот Let’s Talk About Love и како саундтрак за „Титаник“. Стана една од најпознатите песни на сите времиња, продадена во 18 милиони копии, а Дион за неа доби Оскар, Златен глобус и неколку Греми награди.