Осомничениот двоен убиец од БиХ – Емир Селимовиќ ги задавил сопругата и 13-годишниот син додека спиеле, соопшти денеска обвинителот на рочиштето во Кантоналниот суд во Тузла кое се одржа за да му одреди притвор на осомничениот.
Селимовиќ беше уапсен во понеделникот, на петтиот ден од потрагата по него, а вчера беше сослушан за околностите на убиството во присуство на адвокат.
Осомничениот, потврдено за сараевскиот портал „Кликс“, се бранел со молчење.
Обвинителот Славен Ковал поднесе предлог за едномесечен притвор, поради сторени две кривични дела убиство на подмолен начин, за што е пропишана казна од 20 години до доживотен затвор.
Обвинителот наведе шокантен детаљ, нагласувајќи дека Селимовиќ за време на престојот во станот во Калесија ја искористил довербата на оштетените, велејќи дека ништо лошо нема да им се случи.
Ковал понатаму изјавил дека им пришол на жртвите откако заспале и, како што навел, ги задушил во пределот на вратот, што довело до нивна смрт.
Од друга страна, на Селимовиќ му е одреден адвокат Зијад Бабајиќ, кој рече дека е неспорно дека осомничениот пет дена бил во бегство.
Тој посочи и дека нема очевидци за извршување на делото, нагласувајќи дека во предлогот се споменуваат сведоци кои не можат конкретно да кажат што се случило кобната ноќ.
Кантоналниот суд во Тузла треба да донесе одлука за притворот.