Политичкиот аналитичар Сефер Селими смета дека поголеми се шансите актуелната Влада да го заврши цел мандат, отколку опозицијата да предизвика предвремени парламентарни избори. Во изјава за неделникот Фокус, тој вели дека ниту една владејачка партија нема интерес да предизвика вонредни избори, заедно со опозицијата.
-Во последните 15 години, предвремени парламентарни избори секогаш имало кога и одговарало на власта, која го контролира мнозинството во парламентот потребно за распуштање и одржување на избори. Сега, ниту еден од актерите во власта нема интерес за предвремени избори – вели Селими.
За има нови вонредни избори, всушност треба да се спојат интересите на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, меѓутоа, како што оценува Селими, тоа е од аспект на бројки, бидејќи, според него, тешко може да дојде до приближување на политичките позиции на двете партии.
-На ВМРО-ДПМНЕ ќе му треба уште извесно време за да стане кредибилен партнер на ДУИ или друга албанска партија, што се виде и од епилогот на последните локални избори, кога коалицијата на Алијанса и Алтернатива загуби 30.000 гласа, а една од главните причини беше јавната и отворена предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ – вели Селими.
Тој посочува дека ДУИ нема реална причина за стравување дека ако не ја урне владата ризикува спроти себе да добие обединета албанска опозиција, бидејќи, вели Селими, како што Беса во овој циклус не може да се врати во владата, така Алтернатива не може така лесно да се врати во опозиција.
-Дополнително, антогонизмот меѓу Алтернатива и Беса е уште многу голем за едно такво сценарио. Исто така, и Алијанса во иднина ќе биде многу претпазлива за евентуални коалици и соработки, бидејќи беше изневерена и од БЕСА за претседателските избори и сега од Алтерантива, која извлече заеднички освоени пратеници и ги пренесе во власта – вели Селими.
Според него, не може уште отсега да се тврди дека извесен е исходот на следните парламентарни избори, врз основа на резултатот од локалните избори и последните анкети, бидејќи, нагласува тој, многу работи може да се случат во следните две години, особено ако владата испорача резултати во областите на владеењето на правото и евроинтеграциите.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
В.С.