Селекторот Милевски со порака од Рим: Не сме туристи, а Елмас и Барди едногласни – „Од никого не се плашиме“

by Fokus

Македонската фудбалска репрезентација со три позитивни резултати од четирите меѓусебни дуели со селекцијата на Италија утревечер во 20.45 часот на „Олимпико“ во Рим ќе брка нова сензација.

Такви се најавите кои денеска од Рим ги испратија селекторот на националниот состав, Благоја Милевски, и фудбалерите Енис Барди и Елиф Елмас.

„Кога работиш како спортски работник, нормално е секогаш да очекуваш позитивен резултат. Не сме во Рим како туристи и верувам дека можеме да оствариме добар резултат. Секој натпревар е посебна приказна и ниту еден натпревар не наликува на претходниот. Утрешниот дуел со Италија е посебен. Сам по себе носи убавина и тежина, но во Рим сме да го продолжиме она што го остваривме во септември и октомври. Создаваме нова, млада репрезентација, имаме своја цел и не дојдовме во Рим туку-така. Немаме резултатски императив, но секогаш се стремиме да го извлечеме најдоброто од себе. Играме против една од трите најдобри светски репрезентации и максимално ги респектираме. Италијанците имаат измени во составот, но мојот колега Спалети има голем ростер на квалитетни играчи во сите линии. Од таа страна не би требало многу работи да се променат. Италија има свој план, имаме и ние и ќе видиме што ќе ни донесе натпреварот. Не обрнувам внимание на написите за одмазда на противникот, ние гледаме во нашиот дом. Ние треба да се погрижиме да бидеме што подобри“ рече селекторот Милевски.

Капитенот Енис Барди напомена:

„Натпреварите од Палермо и Скопје се историја и поттик за сите нас иако овој меч утре е сосема нешто ново, нов натпревар, нов предизвик… Не треба да кажам дека сме мотивирани, со самото тоа што сме тука е мотивот кај сите нас. Италија мора да победи но и ние мора да дадеме максимум и да докажеме дека имаме квалитет и дека за во иднина ваквите натпревари треба да бидат патоказ дека сме на вистинскиот пат. Ќе играме за да бидеме горди сите, ние како фудбалери, нашите фамилии и целата наша држава“.

Елиф Елмас, фудбалерот на Наполи рече:

„Очекувам добар натпревар, силен ривал… Да покажеме тоа што и досега сме го играле со Италија. Од никого не стравуваме, одиме по нов добар резултат. Многу битен меч за Италија но тоа е нивни проблем, ние си гледаме за себе и не ми е гајле каков притисок има Италија. Ние ќе пробаме да победиме!, Добро го знам селекторот на Италија, тој игра висок пресинг и тоа што го правеше со нас во Наполи ќе го прави и со репрезентацијата. Но ние сме тука да ги изненадиме“ – изјави Елмас.

Поврзани новости