Селекторот Кире Лазаров делумно задоволен од играта на репрезентацијата, иако е совладана Грција во Скопје

by Fokus

Ракометната репрезентација на Македонија на неколку дена пред заминување за Дизелдорф каде ќе игра против Франција на стартот од Европското првенство 2024, денеска во Скопје ја совладаа Грција со 33:30.

Македонскиот селектор Кире Лазаров рече дека е делумно задоволен од играта на неговите избраници.

„ Имавме квалитен противник во Грција. Натпреварот го почнавме во грч бидејќи бевме импресионирани од публиката. Јас секогаш велам дека публиката е нашата најголема поддршка но и ни прави најголем притисок бидејќи немаме право на грешка. Го надминавме грчот и потоа се консолидиравме. Можам да бидам делумно задоволен од прикажната игра на ракометарите, мислам дека можеме за одреден процент да го зголемиме нивото на игра. Бевме хендикепирани денеска, во последен момент го загубивме Жарко Пешевски кој синоќа доби температура како и Никола Марковски. Мислам дека утрешниот натпревар ќе ни биде добредојден бидејќи на оваа млада репрезентација и се потребни повеќе натпревари“, рече Лазаров.

На Европското првенство прв предизвик за Македонија ќе биде екстра силната селекција на Франција. Посебно импресивно за нашите ракометари е тоа што мечот со кој ќе биде отворен шампионатот ќе се игра на фудалски стадион.

„Ние во првото коло ќе играме против најдобрата репрезентација во Европа и светот која е и олимписки шампиони. Франција заедно со Данска се моментно најдобрите репрезентации на светот. Ние полека се подготвуваме за тој дуел, ќе се обидеме да го прикажеме најдоброто од нас, но од Франција ќе зависи се. Тие се одлични и колку и да се подготвуваме, тие физички се доминантни, ги познавам сите играчи, со нив играв до пред една година и знам дека ќе имаме тешка работа. Тука е и домаќинот Германија која пред својата публика нема да има право на грешка. Но, може многу да се добие и да се научи и ќе биде големо искуство за нас настапот на ова ЕП. Нашите играчи и денеска имаа притисок и требаше да помине време да се сосемат. Сигурно дека ќе има одреден притисок и ќе има одредено чудење. Ние ја имаме таа чест, ќе влеземе во историјата и ќе се обидеме да се подготвиме да го дадеме најдоброто од нас“ – додава Лазаров.

 

Поврзани новости