Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Порочното, некултивирано и примитивно однесување, кое тешко излегува од рамките на нагонот за задоволување ниски турбофолк-страсти, во жаргонот се означува како селанштина или сељачизам во сленгот на скопскиот социолект. Оваа социолошка и духовна пројава, како синоним за отсуство на дух и инспирација, кич, шунд и чиста порнографија, секогаш била главна пречка за прогрес на општествената средина, од која ем прави карикатура, ем истовремено се исмејува на неа. Суштински, феноменот е како дивата трева пиреј, колку да се чисти и кубе, кога еднаш ќе пушти корени, тешко се искоренува.
Селанштината не може и не смее ниту под разно да се поистоветува со селанството. Тоа би било незнаење, навреда и омаловажување за луѓето што живеат на село, во рурални населби, имаат географско потекло и одредиште, иако карактерно се различни. Тие, ниту виновни, ниту должни, невозможно е да се споредуваат и поистоветуваат со луѓето што имаат сељачки манири, без оглед што живеат на сите географски ширини и должини, во мегалополиси, во урбани средини и населби. За оваа сорта не е важно географското потекло, туку сељачкиот карактер што се манифестира преку вулгарен простаклак и малограѓански примитивизам. Сељакот може да биде битна политичка клечка, важна бизнис или естрадна фаца, интелектуалец, да живее каде било, може и да го промени местото на живеење, да се исели, да фати џенем во дуњата, но никогаш не може да побегне од својот духовен оклоп, табиет, од себеси.
ПРОСТАЧКИ МОДЕЛИ
Во Мафијадонија генотипот на битисувањето на сељачизмот, особено во последнава деценија, стана сериозен национален проблем, динамичен процес, кој тече во сите сфери и дејности, во простачките модели на однесување и особено во политичкиот мобинг. Тој е директно виновен за „преродбата во сто чекори“, за олигарсите, клиентелизмот, грабежот, за извртените вредносни критериуми. Накусо: сељачизмот е некултура на живеење и творење, неизживеаност и раскалашеност во стилот: „Баш ми е гајле, можеш да ми плукнеш под прозорецот, никој ништо не ми може“. Тој не признава правда, туку само закон на посилниот и најдобро вирее во амбиент на криминал и корупција.
Крут, брутален и опасен, а истовремено со огромна самоубеденост и одважност, сељачизмот ја убива надежта и волјата, демотивира, предизвикува невроза, депресија и песимизам кај нормалните граѓани. Затоа е причина и последица за сите наши небиднини. Иако повеќедимензионален социјален и духовен феномен, неговите главни специфики можат да се сублимираат во следните елементи: агресивност, цинизам, неодговорност, ограниченост, вулгарност, нарцисоидност, саможивост, алчност, немање почит, игнорирање на општоприфатените морални и обичајни норми. Главен фактор за сељачизмот е високото ниво на сиромаштија, односно огромното социјално раслојување, кои наместо култура, образование и воспитување продуцираат злоба, жестина и склоност кон насилство. Многу битен фактор претставува социјалната несигурност и нестабилност и немањето верба во заштитните функции на државата.
Вработувањето без партиска книшка во Мафијадонија е невозможна мисија, напредувањето во кариерата, освен на партиските креатури, исто така, дури и од каприц секој во секое време може да биде отпуштен од работа, да биде принуден да работи со месеци без плата или за месечен надомест кој го навредува човечкото достоинство, да не се плаќаат придонеси и осигурување. Ваквата неизвесност ги влошува семејните односи и го дезинтегрира семејството, ги нарушува традиционалните вредности и механички и вештачки се прифаќаат туѓи. Како шлаг на сите фактори доаѓа силното негативно „куртонско“ медиумско fakе news влијание, кое формира нихилистички и простачки модели на резонирање и однесување.
ПАТРИОТСКА КЛЕПТОКРАТИЈА
„Преродбеничкиот“ охлократски инженеринг (охлократија – владеење на толпата) многу малку вистински преродуваше отколку што изродуваше, па за една деценија успеа да продуцира крвосмешување во една хетерогена недопирлива и неодговорна порочна секта „вмроиди“ од политичари, бизнисмени, судии, обвинители, полицајци, интелектуалци, новинари, земјоделци, бандити, шмекери, џабелебароши, неранимајковци. Под циничен и лицемерен лозунг „За заедничка Македонија“, тие ги разнебитуваа, не само институциите и државноста, туку и општеството, креирајќи духовен образец, кој се темели и угледува на сељачизмот како манифестација и инспирација на клептократија во обланда од квазиидеолошки и патриотски страсти.
Дојде простачко време, се изместија вредностите и резултатот беше јасен дека „преродбениците“ промовираат посебен вид карактер на ненормалност како нормалност, забеганост како рационалност, лага како вистина. Станаа современи богомили-уривачи на државноста и традициите.
Деструктивниот и опсесивен нагон за владеење на организираната примитивна банда продолжи и по губењето на власта. Тешкиот глауком од еднодеценискиот карневал на сељачизам, кој во огромни количини се распиштоли по хоризонтала и вертикала и направи каша-попара, ги оневозможува да ја разберат реалноста и да прифатат дека веќе не се власт, па незапирливо продолжуваат да провоцираат и да ја спасуваат Македонија од „предавниците“ и од „душманите“.
СЕЉАЧКА ЛОГИКА
Небулозната, бизарна и апсурдна инвентивност предизвикува тотална забеганост и збрканост во перцепциите, ставовите и концепциите, па просерува извежбани наративи на прес-конференциите, во соопштенијата и преку куртонските медиуми, одолжување на дебатите со бесмислени реплики и контрареплики надвор од дневниот ред на седниците во Собранието и закани дека нема да дозволат да се донесе ниту еден закон, крокодилски солзи за името, идентитетот и јазикот во врска со потпишувањето на Договорот со Бугарија и наводното договарање со Грција за промена на името, дезинформации и манипулации за опасност од воведување целосна двојазичност, бранењето на јавниот обвинител како адвокат на мафијата и нивен пајташ во криминалот, сериско поднесување интерпелации за работата на министри поради пожарите, стратегија за божемно населување мигранти, наводно незнаење и неспособност, загрозување на националните интереси и други тралала будалштини.
Резилите со вакви моронски фазони и фори се само мал дел од широкиот спектар на нивното инфантилно риалити шоу. Настрвените нихилистички сурати очајнички, бесно и валкано до зла Бога се обидуваат од петни жили, без исав и мера, насилнички да предизвикаат хаос, да тераат мајтап и пизма, да ги блокираат институциите, правниот поредок и да ја жртвуваат државата со единствени мотив и причина да спасат неколку битанги, кои направија ’ршум и ја искубаа.
Системот на сељачизам, кој една деценија креираше и практикуваше насилство, дефамација и хипокризија со патолошка жед за власт, мора да помине низ закономерна катарза. Неопходна е вистинска промена, а таа може да се изврши единствено од долу и однатре. Ненормалната нормалност налага менталистите да се разбудат од сонот и да се соочат со јавето, да видат што правеле и каде оделе, но тоа со голема веројатност нема да се случи затоа што нивната психотична состојба не ја почитува реалноста, ја негира и не е во контакт со неа. Им се привидуваат бели глувци, а до нивните вијуги не допира апсурдот, па продолжуваат да си живеат во својот иреален свет со табиет на сељачизам како стекната карактерна особина. Сељачка логика од сељачки луѓе. Tаква им е кармата