Села во интервју за „Фокус“ открива детали за разделбата со Таравари: Целта беше да ја снема Алијанса за Албанците!

„Јас правев сѐ за да ја држам унифицирана Алијанса за Албанците, за да не се случи ова што се случи. Но, погрешно проценив дека тој има желба само да биде претседател. Можеби требаше да влезам уште подлабоко, но јас по природа, кога некој веќе ми е соработник, не проверувам дали соработува со служби итн. Би било некоректно. И тука направив грешка. По сѐ изгледа, неговите намери беа да ја снема АА од политичката сцена и тврдат дека ВРЕДИ ќе никне во политичка партија. Нели, се исполнува неговата цел. Од друга страна, ја води оваа судска битка за Алијанса за Албанците за да не постои...“.

by Фокус

Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со пратеникот од Европскиот фронт Зијадин Села, кој води судска битка со поранешниот соработник Арбен Таравари за печатот на Алијанса за Албанците. Во интервјуто, Села раскажува како се одвивал процесот на разделба меѓу него и Таравари, при што открива досега непознати детали за јавноста.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во врска со битката за брендот Алијанса за Албанците, Зијадин Села вели дека највисокиот орган што избира претседател на партија и кој се изјаснува за прашања од овој карактер од статутарен аспект е конгресот на партијата.

Значи, ние имавме вонреден конгрес со потписи од над 600 делегати што се доставени до судот заедно со записникот од конгресот, каде што се точно наведени одлуките на конгресот, меѓу кои разрешување на поранешниот претседател, г-динот Арбен Таравари со над двотретинско мнозинство, и назначување нов претседател, т.е. мене како претседател на Алијанса за Албанците.

Тоа значи дека сѐ е кристално јасно кој ја претставува партијата и ова прашање не треба да биде прашање на надворешни политички фактори надвор од членството на АА, туку исклучиво право на членството изразено преку нивните делегати делегирани во конгресот на партијата. Повеќе од јасно е дека јас настапувам како лидер на Алијанса за Албанците и доказите се доставени пред Основниот суд во Тетово и во Апелацискиот суд во Гостивар – вели тој.

Во однос на прашањето зошто тогаш второстепениот апелациски суд ја поништи одлуката на понискиот основен суд и предметот го врати на повторно одлучување, Села вели: „Според мои информации, имало една тајна средба на Таравари со еден од апелациските судии и сега предметот е вратен во основниот суд во Тетово“.

Знаете што? Вистина е дека редовно свикување конгрес, како што налага статутот, врши централното собрание на Алијанса за Албанците, а во статутот стои дека најмалку една недела однапред треба да се свика конгрес. Ние свикавме конгрес 8-9 дена од денот кога имавме централно собрание и одлуката за свикување конгрес е одлука на централното собрание, како што и предвидува статутот.

За споредба, по оваа одлука на централното собрание на АА, Таравари, за да претходи на одлуките што би ги донел конгресот, свика конгрес во кој не беа присутни делегатите на конгресот во четврток навечер малку пред полноќ за во петок следниот ден. Да имаше (Таравари) мнозинство потписи, тој немаше да избега од соочување во централното собрание, туку ќе беше присутен – вели тој и негира дека неговиот соработник и ексминистер за правда Кренар Лога влијаел врз првостепената судска одлука.

ТАРАВАРИ ИМАЛ НАРЕДБА ОД МИЦКОСКИ

Во интервјуто, Села истакнува дека неговиот личен став и ставот на раководството на Алијанса за Албанците бил партијата да настапи самостојно на парламентарните избори. За тој став, како што вели, и Таравари гласал на централното претседателство на АА.

Во меѓувреме се случи невиден преседан на политичката сцена, кога претседател на партија бега од неговите структури. Избега од партијата и направи коалиција преку Фејсбук, а не да донесе одлука во централното собрание каде што треба да се одлучи за вакви прашања. Да имал мнозинство, ќе дојдеше да го тера своето. Очигледно, имајќи предвид како настапувал, тој морал да изврши наредба.

Чекорите што ги презеде покажува на едно и единствено. Имајќи предвид дека Христијан Мицкоски излезе 2 недели пред да се случат збиднувањата во АА, со тврдење и гаранција дека партијата ќе се подели на две крила, значи дека тој (Таравари) имал директна наредба за да ја отцепи Алијанса за Албанците – рече тој.

(ИНТЕРВЈУ) Села: Ќе има протести и очекувам предвремени парламентарни избори!

Села додаде дека кружеле информации во македонските медиуми, со ограда дека за тоа лично немал доказ, дека целиот процес на поделба и пуч во АА чинел околу 5 милиони евра, а постапките и политичките чекори што Таравари ги направил во тоа време доведуваат до заклучок дека постапувал по наредба.

А, за мотивите кои биле, дали пари или некој друг вид уцена, не знам. Знам само едно, дека при секоја средба со мене некаде од декември, па сѐ до поделбата, кога седнувавме заедно да зборуваме околу партијата и политичката ситуација, страшно му се тресеа рацете.

Неговите постапки и политички чекори, изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, постизборните одлуки доведуваат до тој заклучок, односно дека настапувал по наредба – дециден е тој, при што ја отфрла тезата на ВМРО-ДПМНЕ и на Таравари дека членството на АА е градено на анти-ДУИ основа, посочувајќи дека никаде во платформата и програмата на АА не стои дека се формирани за да го урнат ДУИ.

САКАВ ДА СПРЕЧАМ ПОДЕЛБА НА АА

Како што вели Села, тој го избрал Таравари да биде лидер на АА, бидејќи одел во секој огранок, држел собири со членството и разговарал со сите членови на централното собрание за да го прифатат, иако и тие, како што вели Села, мирисале дека Таравари направил предавство на предвремените локални избори во Тетово, кога партијата претрпе дебакал.

Без разлика, јас правев сѐ за да ја држам унифицирана Алијанса за Албанците, за да не се случи ова што се случи. Но, погрешно проценив дека тој има желба само да биде претседател. Можеби требаше да влезам уште подлабоко, но јас по природа, кога некој веќе ми е соработник, не проверувам дали соработува со служби итн. Би било некоректно. И тука направив грешка.

По сѐ изгледа, неговите намери беа да ја снема АА од политичката сцена и тврдат дека ВРЕДИ ќе никне во политичка партија. Нели, се исполнува неговата цел. Од друга страна, ја води оваа судска битка за Алијанса за Албанците за да не постои. Ако веќе сака да креира нова партија, АА никогаш не била криминална дружина, туку партија каде што волонтерски се влегува и така се излегува – вели тој.

(ИНТЕРВЈУ) Села: Се здруживме за да ги минимизираме лошите ефекти што Мицкоски ги најавуваше за Албанците, а не за ДУИ!

Ако имало информации дека Таравари направил предавство, тогаш зошто Села, како што вели, го направил Таравари партиски лидер, е логичното прашање што се поставува? Во однос на тоа, Села вели дека одговорот е за да спречи поделба на Алијанса за Албанците.

Ако не го направев тоа, за време на парламентарните избори што поминаа, интуицијата ми велеше дека ќе постапи исто како на локалните избори во Тетово. Значи тајно, дел од гласовите, не сите што ние ги имаме во Гостивар, ќе ги преиначеше со неговата екипа во Гостивар, кои се дојдени во партијата, не кога таа се формираше, туку кога се здоби со власт… Се работи за некои 2.000-3.000 гласови, кои ќе ги преиначеше кај БЕСА.

Во таква ситуација, АА од партија спремна да донесе победа и промена, од втора во албанскиот политички кампус ќе станеше трета, а јас не го сакав тоа за партијата. Па, одлучив сите збиднувања да останат во мирување, да ги поминеме парламентарните избори и тогаш да ги отвораме темите по потрага по вистината – рече тој.

МИ КАЖАА ДЕКА ЦЕЛТА СУМ ЈАС

Села ја отфрла можноста дека дозволил Таравари да стане лидер со калкулација Таравари да го истурка процесот на коалицирање со ДУИ (дотогаш АА ја нарекуваше ДУИ рак-рака на системот), а по изборите да влезат во постапка на негова смена, особено откако партијата ќе поминеше лошо со самостоен настап, во ситуација кога политичката битка беше крајно поларизирана.

Не, такви планови немало, иако, за волја на вистината, јас пред конгресот во 2022 година не планирав пак да конкурирам за претседател. По локалните избори во 2021 година, кога, исто така, многу се работеше во делот да ми падне авторитетот во Алијанса за Албанците, голем придонес даде ВМРО-ДПМНЕ.

Нели имавме соработка со ВМРО-ДПМНЕ за меѓусебна поддршка. ВМРО-ДПМНЕ го поддржуваше целосно Таравари во Гостивар, но не даде поддршка во Струга, иако јас не бев кандидат. Не даде поддршка и во Тетово, го поддржуваше Биљал Касами таму – вели тој.

(ИНТЕРВЈУ) Села: Правилото „мандатар со победник“ да биде стартно решение за почитување на легитимитетот!

Од друга страна, додава Села, Таравари се погрижил АА да изгуби во Боговиње, преку отцепување на дел од членството. Но, како што нагласува, сите овие работи се случувале тајно.

Градоначалникот на Боговиње во тоа време ми рече – немаш никаква обврска кон мене, можеш да поставиш кој било кандидат.  Но, тој ни беше најуспешниот градоначалник и не сакав да се ставам во позиција да споменувам достигнување на некој функционер на АА, а потоа вие како новинар да ме прашате – е па зошто тогаш тој не е кандидат?

Според анкетите, ние само со него имавме шанса да ги победиме изборите. Последниот негов збор беше – немаш обврска кон мене, нема да се лутам, ќе работам на изборите, но една работа да знаеш, не сум јас целта, ти си целта и овие игри ти ги прави Таравари. Ми вели – не сум сакал да ти кажам бидејќи те гледам дека си близок со него, го почитуваш, но да знаеш, да не биде дека не ти било кажано – вели тој.

ПОДЕЛБА НА „ЗИЈАДИНИСТИ“ И „АРБЕНИСТИ“

Се работеше за политичка хајка против мене што се водеше од многу политички актери, тврди Села, потенцирајќи дека откако влегол во политика сѐ му било пресметан ризик, но не и внатрешните случувања. Тој нема дилеми дека планот е на Мицкоски, а подоцна дел проектот станал и Албин Курти.

-Јас во 2022 година реков доста е, нема да конкурирам за претседател на партијата. Тогаш го викнав Таравари. Не сакав јавно да објавам, за да не предизвикам дефетизам или некој што верува во мене, да си замине од партијата. Затоа, седнувам со Таравари и му го кажувам планот дека нема да конкурирам, да се подготви, зашто партијата не може да остане без претседател.

Неговиот одговор беше – да, ама со еден услов. Да го слушнам условот, му велам. Тој да биде претседател до парламентарните избори и потоа да се вратам јас. Му велам – немој да ме навредуваш. Вели, во кој дел те навредив? Со самото тоа што ми го кажува, испаѓа дека ги користам луѓето како марионети за свои потреби – раскажува тој.

Потоа, Села додава дека му рекол на Таравари дека неговиот предлог нема скриени намери или цели, туку тој да биде претседател еден или два мандати, како што предвидува статутот, па потоа ќе дојде некој трет.

Мојот предлог е да бидеш претседател, а не со некои намери или скриени цели, претседател еден мандат, два мандати, како што предвидува статутот, па потоа ќе дојде некој трет. Рече ќе зборуваме пак, ама нека има и други членови за да знаат што сме договарале.

Седнуваме по 10 дена, го прашувам што одлучи? Ми вели дека нема да конкурира, бидејќи ако јас сум заминел од претседател, партијата ќе се подели. И така одлучив уште еднаш да конкурирам. Потоа тој почна да работи уште посилно за да се интензивира поделбата на „зијадинисти“ и „арбенисти“, па на крај се случи тоа со Тетово – вели тој.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости