Зијадин Села од Алијанса за Албанците денеска во гостување на Канал 5 тв рече дека коалицијата Европски фронт ја избрале поради залагањата за европска иднина на земјава, на што, како што нагласи, укажува и самото нејзино име.
– Во тој фронт ние се договоривме во првите 100 дена да има уставни измени и што побргу земјава да стане членка на ЕУ. Може да се достигнат политички цели кога условуваш формирање на влада со уставни измени, истакна тој.
Села смета дека веќе не станува збор за спор Северна Македонија и Бугарија, туку и Европската унија. Тоа, нагласи, треба искрено да им се каже на граѓаните.
– Ќе дојде денот кога и премиерот Христијан Мицкоски ќе го прифати тоа што треба да се прифати и што секој политички чинител треба да го прифати и уставните измени ќе се случат. Нема друго решение, ако некој има друго решение нека каже – рече Села.
Тој во интервјуто говореше и за денешниот договор на македонската и унгарската Влада за специјална финансиска соработка и заем од 500 милиони евра, наменети за општините и за економијата.
– Јас мислам дека само ако си протекторат на друга држава можеш да позајмиш пари од неа. Знам дека во либерални демократии пари се позајмуваат од финансиски институции. Кога земаш пари од некоја држава тоа може да има политичка цена – рече Села.