Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села денеска рече дека нема да изнесува детали од разговорите со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев за законот за државјанство и оти тие ќе бидат објавени најверојатно на почетокот на следната недела.
– Со овој закон ние имаме цел најмалку, минимално, сите граѓани кои што живеат и живееле повеќе од 30 години во Македонија да не останат без државјанство и еднаш засекогаш да го решиме овој проблем. Затоа продолжуваме да сме на добар пат за решавање на овој проблем и се надевам дека многу брзо на почеток на следната недела ќе излеземе заедно со нашиот последен и финален став, кој ќе биде достапен и за јавноста да се знае кои се прашањата за кои сме се согласиле, секогаш водејќи се од идејата дека е важно да се реши проблемот, а не да говориме добри и големи зборови, рече Села, кој замоли новинарите да не бараат детали од разговорите.
Во принцип на секој човек што е роден во Република Македонија, матична држава му е Македонија, ја појасни Села позицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Измените на законот треба да биде основа за добивање државјанство, вели тој, потенцирајќи дека нивната позиција е на сите што се родени тука да им се констатира дека се државјани на земјата.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со неизгласувањето на петиот пакет антикризни мерки Села рече дека пратениците на АА биле во Собранието за да гласаат, но, исто така рече дека не знае што се случува со претседателот на Собранието и никој нема одговор за неговото однесување.
-Да свикуваш седница во 18:12 часот, кога ми стигна пораката и да немаш предвид дека е месец на Рамазан. Има пратеници кои постат, а во 19 и 20 часот е ифтарот, а тие пратеници цел ден немаат внесено ниту вода, ниту храна, а цел ден да зборуваш за Деловникот и да не тие е јасно дека Собранието работи од 11 до 18 часот и ако има потреба за истата седница продолжува со одлука на претседателот на Собранието. Се знаат точно кои седници траат до 12 часот, рече Села.
На одредени коментари дека тие го блокирале носењето на овие закони, лидерот на АА рече дека поставил прашање дали Владата навистина има пари за овие мерки.
За тоа дали во иднина повторно ќе блокираат закони, Села рече дека тој нема право да одлучува за пратениците оти имаат право на тоа по закон и по Устав, исто како што никој не може да им наложи на пратениците дека мора да присуствуваат на седница.
-Наш работодавач не е Талат Џафери, кој си зема право да чита списоци, кој е потпишан итн. Наши работодавачи се граѓаните и тие одлучуваат дали ние ќе продолжиме да бидеме пратеници или не. Во моментот кога го одблокираа законот за државјанство и ние ја тргнавме блокадата на петиот пакет сет мерки. И така ќе биде секогаш кога ќе ни блокираат некоја одлука или некој закон, а не се мешаме во тоа како гласаат пратениците, рече Села.
Ги отфрли тезите дека тие се поткупени, потенцирајќи дека „тие што се должни да обезбедат мнозинство и кворум се тие што се фалеа дека имаат направено Влада за четири години и дека имаат стабилно мнозинство“.
-Кога има закони кои се однесуваат на ситуацијата или на кризата нема потреба некој да ни кажува дека треба да бидеме тука. Нашите пратеници синоќа се вратија од дома. Овде се брзаше да се почне за да не се донесат мерките. Имаме доволно совест како опозиција за да ги сфатиме работите како што се. На тие што им фали совеста од 20 години власт се други политичари. Не е ниту АА, нути Алтернатива, рече Села.