Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на денешното партиско Централно претседателство во Тетово ги информирал останатите членови за деталите од последните состаноци, кои, како што соопштија од партијата, се одржуваат во врска со формирањето на новото парламентарно мнозинство.
„Централното претседателство едногласно ги назначи претседателот и потесното претседателство како одговорни за да ги продолжат преговорите со другите партии и пратеници на помалите партии коишто покажале спремност да бидат дел од новото парламентарно мнозинство, коешто мнозинство понатаму ќе го избере и новиот состав на Владата. Деталите од овие состаноци ќе бидат објавени во наредните денови“, соопштија од АА.
Инаку, Села денеска одржа средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кој ја потврдија соработката и во вториот изборен круг, додека потоа одвоено се сретна и со коалицискиот партнер Африм Гаши, лидер на Алтернатива. Во текот на вчерашниот ден, Мицкоски и Гаши се слушнале телефонски.