Алијансата за Албанците се уште нема став дали ќе го поддржи предлог Законот за јавно обвинителство, кој денеска ќе влезе во собраниска процедура, каде е потребно двотретинско мнозинство за да биде изгласан.
Претседателот на Алијансата, Зијадин Села, најавува дека пратениците од оваа партија ќе се вклучат во собраниската дебата со неколку амандмани. Како што велат од таму, Села има забелешки за владиниот предлог, освен Русковска, Села вели дека ќе се обидат да интервенираат амандмански во неколку главни области.
Села бара прислушуваните материјали да се користат како докази и во новото обвинителство што го наследува СЈО. Освен тоа пратениците на Алијансата ќе побараат и во Советот на јавни обвинители да не смее да има партиски членови и поранешни државни функционери кои биле членови на партија. Освен тоа ќе предложат јавниот обвинител да биде експерт од странство.
„Законот кој се предлага има за цел да се амнестираат и да не се користат како материјални докази сите прислушувани разговори кои беа предмет на политичката криза. Ние како партија заинтересирана за вистински реформи сме во многу тешка ситуација. Не поддржувајќи го законот, амнестирани ќе останат корумпираните и оние што ја злоупотребиле службената положба, а гласајќи за ваков предлог закон ние пак ќе ги амнестираме сите, бидејќи законот важи отсега па натаму”, вели Села