На 27 април при нападот во Собранието се случи политички атентат врз мене но и врз барањата на Албанците, изјави денеска лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села во неговото прво јавно обраќање пред јавноста по крвничкото тепање кое го доби во парламентот.
„Не сакам да се занимавам со правниот аспект на целото збиднување, јас бев нападнат политички а не заради нешто лично што имам со самите напаѓачи. Тие што ме нападнаа дури не ги ни знам кои се“, рече Села на прес конференцијата која денеска се одржа во просториите на Движењето за промени во ДПА во Тетово.
Предвидено е Села денеска да се сретне и со мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев во 15 часот со кој ќе разговараат за евентуалните места во владиниот кабинет како и понатамошното делување на парламентарното мнозинство.
Пратеникот Зијадин Села беше најповреден во насилството кое се случи на 27 април кога поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ влегоа во Собранието и физички ги нападнаа пратениците и новинарите кои ја следеа седницата за избор на нов собраниски спикер.