Села: Лично сум за самостоен настап на изборите

by Фокус

Алијанса за Албанците има капацитет да излезе сама на избори и да биде конкурентна со ДУИ за да победи, вели пратеникот и претседател на Централното собрание на АА, Зијадин Села, во интервју за „360 степени“.

-Јас бев следбеник на оваа идеја и продолжувам да бидам, но има време во врска со донесување одлука дали одиме, во каква форма ќе настапиме на избори – рече Села.

На прашањето – дали, сепак, ја остава отворена опцијата за заеднички настап со ДУИ, Села одговара:

„Реков пред малку, има одлука на Централното претседателство. Друг повисок орган внатре во Алијанса што може да донесе одлука различна од одлуката на Централното претседателство, е само Централното собрание на партијата, кое со Статут мора да се држи, периодот кога ќе се одржи, ќе оцениме“.

За варијантата за уште поширок предизборен фронт во кој би биле СДСМ со партнерите, ДУИ и Алијанса за Албанците, вели дека не е следбеник на оваа идеја.

-Зборував за одлука која е донесена и ставовите што сум ги имал на тој состанок на Централното претседателство додека лично не мислам дека ова ќе и донесе добро на политичката сцена во Северна Македонија бидејќи би било поттик за изборите да се направат биполарни, може да се перцепира како трка помеѓу Албанците и Македонците условно, каде ВМРО би можела да го користи овој елемент за да поттикне повеќе вакви поделби. Идејата за ваков фронт што ја слушнав е идеја за забрзување на интеграцискиот процес во ЕУ и се вика европски фронт, но лично не сум следбеник на оваа идеја – истакна тој.

Поврзани новости