Структурите на ДР-ДПА, Унитети и НДП ќе изградат нова партија која ќе го носи името на коалицијата што ја формираа пред изборите – Алијанса за Албанците, велат од ДР-ДПА на Зијадин Села, откако лидерите на Унитети и НДП, Гзим Острени и Весел Мемеди, се спротивставија на идејата за обединување на трите партии во една.
-Ограноците на трите партии ќе ги изградиме одново во нова партија која ќе го носи името на коалицијата. Пред изборите се договоривме после изборите коалицијата да прерасне во политичка партија, но сега се измислуваат разни изговори од двајца лидери. Сепак, нивното членство го поддржува процесот за изградба на нова партија – вели за Фокус висок функционер од партијата на Села.
Тој посочува дека нема одново да се регистрира нова партија, туку најверојатно ДР-ДПА ќе се преименува во Алијанса за Албанците, која, според него, ќе се повикува на поддршката на сите партии од коалицијата, независно од тоа што ќе одлучат и како ќе се однесуваат Острени и Мемеди.
В.С.