Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села бара разбирање од косовскиот премиер, Авдулах Хоти за одлуката на македонската Влада, според која државјаните на Косово при влез во земјава треба да приложат негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.
Како што наведува Села во објавата на Твитер, овие мерки се политички мотивирани поради стравувањата од изборите на 15 јули.
„Мерките што ги спроведува Владата на Северна Македонија против граѓаните на Косово на заедничките гранични премини се корона-политика мотивирана од стравот од изборите. Го молам премиерот Авдулах Хоти за разбирање и за непреземање слични мерки против граѓаните на Северна Македонија зашто со тоа би се казниле граѓаните на двете држави, особено иселениците, кои се соединуваат со своите семејства во овој момент. По 15 јули ваквите пречки меѓу двете земји ќе се бидат во историјата“, пишува Села на Твитер.
На 26 јуни земјава ги отвори границите без ПЦР-тест за ковид-19 и 14-дневна изолација. Но, поради ситуација со епидемијата во регионот, од вчера стапи во сила владина одлука со која се бара државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ при влез во земјава да приложат негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.