Еден од лидерите на Алијанса за Албанците – Зијадин Села поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за прекршоци, кој беше усвоен за имплементација на системот „Безбеден град“.
Според Села, овој закон, кој директно го засега целото население, требало да биде предложен од Владата и разгледан во широка јавна расправа.
„Со овој закон се удира врз целото население, врз сите граѓани и никако не е дозволено да помине по брза постапка. Прашањето што може да се постави е зошто за проектот кој веќе со месеци се промовира од страна на Владата, иницијативата се прави од пратеници во Собранието. Што сака да скрие Владата?“ – рече Села.
Вели дека законот не предвидува пораките за прекршоците од „Безбеден град“ да бидат двојазични, туку се испраќаат само на македонски јазик, што, според него, го крши Законот за употреба на јазиците.
За казните испраќани по порака или мејл рече дека се спорни, затоа што граѓаните не се обврзани да имаат мобилен телефон или, пак, електронска пошта.
„Јас имам право да не носам телефон со мене, имам право да немам мејл-адреса. Единствено е законска должност да имаме адреса каде живееме. Ако веќе може да се предвиди такво законско решение, тогаш граѓаните би морале постојано да ги пријавуваат промените на бројот или мејл-адресата во полиција“, рече тој.