Села: Ги уверувам граѓаните и членовите на АА дека ќе станеме уште појаки, на претстојните избори ќе победиме

by Fokus

Зијадин Села е избран за претседател на Алијансата на Албанците, а од функцијата е разрешен Арбен Таравари на денешниот четврти конгрес на партијата.

На вонредниот конгрес што, како што кажа Села, учествувале 591 делегат од вкупно 837 колку што има партијата.

– Со предлог на ограноците на Алијансата за Албанците на денешниот конгрес статутарно е одлучено јас да бидам единствен кандидат за претседател на партијата што јас го прифатив. Ние сме во ситуација во која не воведе поранешниот претседател, но ги уверувам граѓаните и членовите на Алијанса за Албанците дека ќе станеме уште појаки и уште поконкурентни за да излеземе и да се соочиме и со граѓаните на претстојните избори и да победиме на тие избори – изјави Села.

Прашан кој е сега легален претседател на партијата, Села одговори дека тоа е оној претседател кој се избира така како што пишува во Статутот на партијата.

Го обвини Таравари за низа прекршоци почнувајќи од етичкиот кодекс на партијата, а завршувајќи со статутот.

– Денеска јас не разрешував никого туку бев само еден од тие што гласа. Легален претседател е оној претседател што се избира таму каде што се дава одговорност и од претседателот на партијата и од кој било друг избран од функционерите од Алијансата за Албанците. Минатата недела ние имавме Централно собрание каде претседателот на партијата одлучи да не дојде и да избега од одговорност. Централното собрание е органот кој одлучува и донесе иницијатива за одржување на овој вонреден четврти конгрес. Затоа сме денеска тука за да го испочитуваме тоа што е напишано во Статутот на партијата и денеска Конгресот одлучи со 591 глас да се разреши господинот Таравари од функцијата претседател на партијата – рече Села.

Го повика Таравари да ја почитува одлуката што ја донесе Конгресот и, како што рече, да се врати во она што значи органи на партијата и да почне да го почитува Статутот.

На прашањето дали Алијанса за Албанците самостојно ќе настапува на претстојните претседателски и парламентарни избори и дали ќе има свој кандидат за претседател на државата, Села рече дека одлука за тоа ќе носат Централното собрание и Централното претседателство, а медиумите навреме ќе бидат известени за тоа.

– Денеска е денот кога Алијанса за Албанците се враќа во структурите и се враќа себе си. Последните месеци за жал Алијанса за Албанците беше пазар за поткусурување за други политички партии – потенцираше Села.

Поврзани новости