Арбен Таравари од „Вреди“ го нарекува „продавање магла“ предлогот на Зијадин Села Уставниот суд да одобрува одлуки со бадентерово мнозинство или двојно гласање за да се избегне прегласување по етничка основа.
-Јас, господине Села и господине Ахмети, не разбирам зошто сега ви текна дека треба да има бадентер во Уставниот суд. Господинот Села, како близок пријател на господинот Ахмети, имаа апсолутна, локална и централна власт веќе 22 години. Зошто не донесоа закон уредно за албанскиот јазик? Зошто не го донесоа да се гласа во Уставен суд? Сега ви текна? Да ви дадеме уште 22 години да направите такво нешто? Зошто не го направија тоа до сега? Значи, продавањето магли и филозофија е многу лесно. Имаа моќ и не направија ништо – вели Таравари.
ДУИ преку соопштение реагираше на одлуката на Уставниот суд за „Балансерот“. Нагласуваат дека со одлуката „директно се прекршуваат клучните одредби од Уставот“ и „се загрозуваат темелите на нашето мултиетничко општество“.
„Со оваа одлука се нарушува правичната застапеност на Албанците во државните институции, односно нема повеќе работа за Албанците. Поради тоа, ДУИ апелира за итно преиспитување на оваа одлука, со цел да се заштити интегритетот на уставниот поредок и да се обезбеди принципот на правична и соодветна застапеност да остане ефективен и применлив во практика“, велат од ДУИ.