Села до Пендаровски: Имате право да бидете огорчен од Бугарија, како што ние сме од македонскиот Устав!

by Фокус

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, му испрати писмо на претседателот Стево Пендаровски, во кое вели дека не се согласува со неговата оценка дека Македонија треба да се откаже од интеграцијата во Европската унија доколку Бугарија го услови започнувањето на преговорите со барањето македонскиот јазик да биде наведен како „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

„Ви честитам за вашиот настап на 1 мај во Алсат каде што истакнавте три приоритети за иднината на земјата, имено демократија, интеграција во цивилизацијата и западните институции и хетерогена Северна Македонија, каде што секој претставник на која било етничка или верска заедница има подеднакви права со сите, со мене, со тебе, без разлика. Но, не се согласува со изјавата околу бугарското условување за македонскиот јазик. Не, господине претседател, граѓаните на оваа земја никогаш нема да се согласат со откажувањето од ЕУ. Постојат многу причини за тоа, вклучувајќи ги и нивните три децении жртвувања и напори и немање друга алтернатива, но пред сè затоа што интеграцијата во ЕУ е директно поврзана со вториот приоритет што вие го издвојувате како државен интерес, интеграцијата во цивилизацијата и западните институции“, пишува Села.

Воедно, Села го праша Пендаровски зошто се негира албанскиот јазик во Северна Македонија?

„Со бугарското условување, дел од политичарите и македонскиот народ разбрале, се надевам дека разбрале, дека барањата на Албанците не се националистички. Ова барање е, всушност, природно и многу човечко право што има врска со нашиот идентитет како нација. Затоа, господине претседател, ние ја споделуваме вашата загриженост и ви кажуваме дека имате право да бидете огорчени од бугарското условување, исто како што Албанците со право се длабоко огорчени од анахронистичкиот и антиевропскиот устав на Република Северна Македонија“, пишува лидерот на АА до македонскиот претседател.

Поврзани новости