Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, изјави дека не се согласува во целост со одлуките на Владата за заштита од Ковид 19.
-Не се согласувам со одлуката за карантин во Куманово, Прилеп и Тетово. Делумно се согласувам, но не знам од која причина и Тетово треба да е во карантин. Ако Владата знае некои бројки кои ние не ги знаеме, треба да ги каже. Не може со само 20 заразени на ниво на Општина Тетово, овој град да влезе во карантин. Друго, граѓаните се принудени да носат маски. Во ред, тоа е еден од механизмите за заштита, но државата треба да им обезбеди маски на граѓаните, на сите граѓани на целата територија – рече Села.
Тој посочи дека полициски час е потребен, но тој да почнува во 19 часот и да трае до 5 часот наутро за, како што рече, граѓаните да може да набават што им е потребно. Според него, треба да се направи план за шалтерско пазарење, односно купувачите да одат со список до маркетот и истиот да им го даваат на вработените, кои ќе ги соберат продуктите и да им ги дадат на купувачите.
-Не се согласувам со тоа што имавме одлуки за полицискиот час да трае над 48 часа, бидејќи тоа придонесе да се формираат редици пред маркетите, а во тие редици и собирање на граѓаните, што е спротивно на препораките на СЗО, сигурно дошло до тоа некој да се инфицира од ковид-19 – рече лидерот на АА.