Зиадин Села, денеска пред почетокот на Собранието на партијата изјави дека уште се чека исходот во однос на тоа кому припаѓаат печатите на партијата, нему или на Арбен Таравари.
„Вие сте ги слушнале изјавите на Тараври дека вршиме притисоци. Јас прашувам кој е тој што врши притисоци? Алијанса за Албанците не врши притисоци. Таравари тврдеше дека партијата не е печатот, седиштето или возилата кои ги има партијата, туку народот. Сега, кога ги загуби и членството и народот преку гласови, и на претседателски и на парламентарни избори, кога загуби во неговата Општина, на неговото гласачко место, вели дека ги имал печатите на партијата. Оваа партија не е формирана од фотељи. Оваа партија е формирана преку членството на партијата, преку активизам во секое село, населба…“,
изјави Села пред почетокот на централното Собрание.
Според Села, самиот факт што во програмата на Владата нема ниту еден збор од програмата на Влен, докажува дека Алијанса за Албанците не е во коалиција со Влен, туку таму е само Таравари. Села додаде дека целта е Тараври да стане министер за здравство и да ги остварува неговите лични интереси и интереси на луѓе кои го опкружуваат.
„Неговата цел е да биде само Арбен Таравари и никој друг. Можеби се движи во насока да биде потпретседател на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тоа е негов личен избор. Алијанса за Албанците секогаш кога била дел од власта, но и во опозиција, знаела да остварува делови од политичката платформа“, изјави Села.