На прес-конференцијата, како и на состанокот е изразена јасна поддршка на напредокот на Република Северна Македонија во евроинтеграциите и полноправно членство во Европската Унија.
„Драго ми е што, од нашата последна средба во Брисел, ние веќе имаме можност да разговараме за отпочнатите преговори на ЕУ со СМ, отпочнатиот скрининг, за напредокот, за потпишаниот Договор за ФРОНТЕКСТ, за нашата европска иднина и европски пат.
Отпочнувањето на преговорите на 19-ти јули годинава означува ново поглавје во нашиот европски пат и е јасен приказ за сите наши досегашни реформи и заложби како Влада да ја оствариме нашата стратешка цел, полноправното членство во ЕУ“, вели Ковачевски.
Тој додава дека по тешките и долги преговори со Бугарија, покажале визија, лидерство и храброст.
„Она што беше исклучително важно за нас во преговорите, а за кое успеавме да се избориме, е заштитата на македонскиот јазик и негово издигнување на еднакво рамниште со сите европски јазици, заштита на македонскиот идентитет, се изборивме за историските прашања да разговараат експерти историчари, а не политичари и тоа во рамки на историската комисија. Сето ова го обезбедивме и ги започнавме преговорите, и од тогаш до денес, и ние, и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања“, истакнува премиерот.