„Многу од нас жените со години се случува да не можеме да идеме кај матичен гинеколог, затоа што кај нас во Шутка тоа беше долгогодишен проблем. Многу лошо е тоа што никој и од матичните гинеколози не сакаат да дојдат во нашата општина да работат, а и тие што доаѓаат за неколку месеци си одат.
Ние сме оставени на милост и немилост, Што да направиме, зошто не понижуваат и дискриминираат“. Сега имаме еден, но кој знае до кога ќе остане, раскажува 32-годишната Салије.
Таа не е единствената, која се соочила со вакви проблеми, туку повеќето жени, кои живеат во оваа скопска општина. Таму веќе со години има поликлиника, која иако така се води , не е во состојба да понуди ниту основна здравстена заштита на жителите.
Хроничен проблем е немањето на гинеколог, а секој обид овој специјалист да се донесе во општината во која се раѓаат најмногу деца, најчесто завршува за кусо време. По неколку месеци гинеколозите ја напуштаат работата во Шутка.
Во моментот во оваа скопска општина, која повеќе од една деценија немаше гинеколог, работи еден, кој има отворено своја приватна ординација, а во неговиот тим влегува и медицинска сестра.
Според официјалните податоци од министерството за здравство, во Шуто Оризари има 2.500 жени кои имаат само здравствено осигурување, но сепак повеќето од нив го немаат остварено правото на избирање на матичен гинеколог.
Оваа општина е земена како пример, а со сличните проблеми се соочуваат и низ другите градови во државата.
Исто така, голем проблем имаа и за време на ковид пандемијата и тоа во пикот во 2020 година, кога над 5.000 жители немаат матичен лекар. Тоа е само да објасниме и појасниме дека во 21 век не се добива основна здравствена заштита.
„ Најмногу проблеми имавме за време на ковидот. Ни беа болни и двете деца дома, немавме никаков лекар, не ги примаат“, „Нехигиена… и тогаш фативме сите корона, како нема да фатиме?“, „Ова е катастрофа во Шутка, за никаде….“раскажуваат жителите на Шутка, со какви маки се соочуваат низ годините.
Ова се само дел од бројните примери на мајките, кои поминале цел терор низ здравствените лавиринти за да се погрижат за своето здравје, а посебно на удар се жените Ромки, кои редовно на дневно ниво се соочуваат со дискриминација.
За да може да се оствари правото на здравје, здравствените услуги мора да бидат пристапни, достапни и квалитетни за сите. Истото важи и за сексуалното и репродуктивното здравје, а во „сите“ спаѓаат и социјално ранливите и маргинализираните граѓанки.
Но, во практика постои недостиг на матични гинеколози низ државата и несоодветна географска распределеност низ државата на вработените матични гинеколози, бесплатните превентивни прегледи за бремените жени се многу малку искористени, а здравјето на Ромките се влошува и поради незаконската наплата на услуги кај матичните гинеколози кои инаку се бесплатни. Во сржта, ко пиреј, лежи дискриминацијата.
Дополнително, Ромските и маргинализираните заедници се соочуваат со неповолни социјални детерминанти на здравјето, што придонесува кон понеповолни здравствени исходи за разлика од останатото население.
Постојат долгогодишни проблеми во пристапот до здравствената заштита за жените, мајките и децата, при што во многу општини нема примарна гинеколошка и педијатриска здравствена заштита, а воедно се бележат проблеми во работата на пунктовите за вакцинација и во работата на патронажната служба.
Недостига организиран пристап за примарна и секундарна превенција на хроничните заболувања, кои се водечки причини за смртност.
Програмите за скрининг за рак на грлото на матката и рак на дојка бележат недоволно финансирање, несоодветно планирање и спроведување и низок опфат на жените. Сето тоа резултира со смртни случаи на населението кои можат да се спречат доколку државата има ефикасни и ефективни програми за превенција и скрининг на малигните и останатите хронични заболувања.
Како еден од проблемите кој редовно се провејува низ годините е што жените, кои одат на редовни гинеколошки прегледи си плаќаат кај своите матични гинеколози, почнувајќи од пап тест, ехо, скриниг…
Дури и секоја ординација си има свој сопствен ценовник и според него ги наплаќа здравствените услуги на сите жени.
Исто така, многу лошо во целата оваа здравствена голгота е што и самите жени одат на лекар, кога состојбата станува итна, па немаат друг избор. Факт е дека мора да се прават редовни превентивни прегледи, а не да се појават на лекар само кога имаат некој здравствен проблем, со што состојбата може да стане алармантна.
Здружение ЕСЕ во партнерство со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ – Скопје и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, го спроведуваат партнерскиот проект насловен „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“.
Организациите започнаа со спроведување на активностите од проектот од месец декември 2023, а предвидено е проектот да се спроведува до месец октомври 2026 година, односно во времетраење од 30 месеци.
„Главната цел на проектот е да се унапреди здравствената заштита на ранливите популации во Р. Северна Македонија врз основа на интензивна соработка меѓу институциите и граѓанскиот сектор во идентификувањето на потребите, планирањето на мерките, како и во испорачувањето услуги од областа на здравствената заштита. Специфични цели на проектот се следните:
1) Да се зајакне учеството на граѓанското општество во развивањето на здравствените политики и буџети на Владата на Северна Македонија од интерес на ранливи групи граѓани; 2) Да се зголеми ефективноста и финансирањето на владините здравствени програми засновано на докази и според потребите на ранливите групи; и 3) Да се создаде поволна правна средина за граѓанските организации како национални даватели на здравствени услуги која придонесува кон поголема одржливост на услугите за ранливите групи“.
Ирена МУЛАЧКА
Текстот е изработен во рамки на проектот “Кон еднаква иднина за девојките и жените Ромки“ а е финансиски поддржан од Women’s World Day of Prayer (WWDP), German Committee и се спроведува од страна на здружението Центар за социјални иницијативи Надеж. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на Women’s World Day of Prayer (WWDP), German Committee.