Секој втор жител на Македонија ќе умре од срцева болест!

by Фокус

Текстот е објавен на седми ноември 2008-та во неделникот „Фокус“ во бројот 697

Пишувала
Адријана ГЕОРГИЕВ

Во Македонија годишно околу 12.000 лица умираат од срцеви болести. Во вкупната бројка на починати лица, болестите на циркулаторниот систем учествуваат со речиси 58 отсто, што би значело дека секој втор Македонец умира од срце. Освен ова, лекарите ги загрижува и намалувањето на старосната граница на бројот на заболени. Ако порано болестите на циркулаторниот систем беа карактеристични за постарите лица, сега сѐ повеќе млади луѓе заболуваат од срцеви болести. Лекарите велат дека порастот на бројот на срцеви болни е карактеристичен за високо развиените индустриски земји. Македонија во развојот е далеку од нив, но токму лошата економска состојба, постојаниот стрес, пушењето, алкохолот и лошата исхрана се причина болестите на циркулаторниот систем да земат замав повеќе од кога и да е. И не само тоа, лекарите предупредуваат дека бројот на заболени од срце допрва ќе расте.

БОЛНИ ОД СРЦЕ И НА 40 ГОДИНИ

Бројот на починати од болести на циркулаторниот систем во 1975 година изнесувал 4.714 лица. Дваесет години подоцна, бројот на заболени и на починати речиси двојно се зголемил. Во 1996 година 8.878 лица починале од срцеви болести. Во 2003 година бројот се зголемил на 10.185 лица, во 2005 имало 10.756 починати, а во 2007 биле регистрирани дури 11.311 смртни случаи како последица на кардиоваскуларни болести. Сево ова кажува дека бројката на заболени рапидно се зголемува. Лекарите се согласуваат дека сѐ повеќе луѓе страдаат од срцеви заболувања, но велат и дека бројот на заболени допрва ќе расте.

– Ова не е проблем само во Македонија, туку е глобален тренд карактеристичен пред сѐ за индустриски развиените земји. Колку точно е зголемен бројот на болни не можеме со сигурност да кажеме бидејќи до 1991 година голем број од пациентите се лекуваа надвор од земјава, затоа и споредбата на бројот на заболени во 1975 и денес не може да се смета за прецизна. Од 1991 година сите пациенти се дијагностицираат и се лекуваат на Клиниката за кардиологија. Од пред неколку години и делот на оперативата се прави во кардиохирургијата „Филип Втори“ што значи дека целокупното лекување на пациентите од болести на циркулаторниот систем се прави во земјава.

Сега ги имаме и точните бројки кои покажуваат пораст на болните, но тоа е пред сѐ поради комбинација на повеќе од неколку ризик фактори во комбинација со стресот кој е присутен како последица на економската состојба во која живееме.

Она што е карактеристично во последниве години е тоа што кардиоваскуларните болести се јавуваат на сѐ помлада возраст. Ако порано ризичната група беа лицата на возраст од 55 до 60 години, сега границата се симна на 40 години.

Она што е значајно да се напомене е дека лекувањето на кардиоваскуларните болести денес е подобро отколку порано, така што смртноста не расте заедно со порастот на бројот на заболени. Денес и сѐ повеќе од болните се откриваат во рана фаза кога и лекувањето е полесно. Раната дијагностика е значајна за успешното лекување на срцевите болести, вели д-р Даниела Проевска од Клиниката за кардиологија.

Според истражувањата на Републичкиот завод за здравствена заштита, процентот на застапеност на умрени лица од кардиоваскуларни болести во вкупно умрените лица во Македонија е зголемен од 37,3 отсто во 1975 година, на 56,6 отсто лица во 2003. Во 2006 година бројот на починати пациенти од срце е речиси 60 отсто од вкупниот број починати. Во 2004 година вкупниот број умрени лица во земјава изнесувал 17.944. Од нив 10.307 биле лица починати од кардиоваскуларни болести. Во 2005 година, нај многу починати од срцеви болести имало во Скопје, вкупно 2.229, потоа во Битола 677, во Куманово 583, во Прилеп 441 и во Велес 395 починати лица.

Таа година најголема стапка на смртност од срце според бројот на население е забележана во Виница и во Демир Хисар. Во Виница тој процент е 70,6 отсто. Тоа значи дека од 201 починати таа година, 142 лица умреле од кардиоваскуларни болести. Во Демир Хисар, процентот на починати е 69 отсто. Од 173 умрени, 123 биле со кардиоваскуларни болести. Најмал процент на починати од срце имало во Штип, 47,6 отсто. РЗЗЗ има податоци според кои во изминативе 20 годи ни расте и бројот на лекувани пациенти во здравствените установи. Па така, во 1983 година биле лекувани 12.925 болни од циркулаторни заболувања, или 9,4 отсто од вкупно лекуваните. Во 2003 година овој процент е двојно зголемен.

РИЗИК ФАКТОРИ

Високиот крвен притисок, високото ниво на холестерол во крвта, пушењето и зголемената телесна тежина, физичката неактивност и лошата исхрана, се факторите кои влијаат за развој на кардиоваскуларните заболувања. Возраста на луѓето е исто така значаен фактор за појава на срцевите заболувања. Ризикот по 55-ата година е двојно зголемен. Исто така, докажано е дека мажите имаат поголеми шанси да заболат од срцеви заболувања, отколку жените пред да влезат во менопауза.

Лекарите сметаат дека високиот крвен притисок е најчест ризик фактор за појава на мозочен удар и главен фактор за речиси половина од срцевите удари во светот. Се смета дека 20 до 30 отсто од населението има покачен крвен притисок. Проценките на лекарите се дека 370.000 луѓе во земјава страдаат од висок притисок или хипертензија. Од нив, според лекарите, 100.000 не знаат дека имаат висок притисок. Од оние 200.000 кои се запознаени со своја та здравствена состојба, само 50 отсто се лекуваат. Останатите кои не примаат лекарства завршуваат со сериозни компликации.

Причините за покачен крвен притисок се пред сѐ наследни. Лицата чии родители страдале од висок притисок имаат големи предиспозиции да се соочат со овој проблем. Ризикот за покачен крвен притисок расте и со возраста. Кај младите хипертензијата е последица на дебелината, холестеролот во крвта и дијабетесот. Покачениот крвен притисок мора да се регулира со редовна терапија која доколку не се зема редовно може да предизвика сериозни проблеми.

Доколку пациентите ги пијат лековите, шансите за срцев инфаркт се помали, бидејќи како што објаснуваат лекарите, со пораст на притисокот се оптоварува работата на срцето. Истражувањата покажале дека редовното земање на терапијата го намалува ризикот од мозочен удар за 40 отсто. Освен хипертензијата, важен фактор за појава на срцевите заболувања е и исхраната.

Лошата исхрана може да доведе до покачена вредност на холестеролот во крвта, што е причина за една третина од сите срцеви заболувања и мозочни удари. Високото ниво на шеќер во крвта е исто така голем ризик фактор. Дијабетичарите имаат два пати повисок ризик да заболат од срцево заболување од лицата со нормално ниво на шеќер во крвта. Неадекватната исхрана и користењето премногу сол во храната доведува до појава на висок крвен притисок.

Маснотиите во крвта се причина за запушување на артериите. Внесувањето на мали количества овошје и зеленчук се одговорни за намалување на 20 отсто од кардиоваскуларните заболувања. Лекарите велат дека мора особено да се внимава на солта. Секое намалување на три грама сол дневно за 30 отсто ја намалува смртноста од кардиоваскуларни заболувања. Максималната доза на сол не смее да премине шест грама дневно.

Важен фактор за појава на кардиоваскуларните болести е и дебелината која го зголемува ризикот од појава на покачен крвен притисок, шеќерна болест и артериосклероза. Од друга страна, тука е и физичката неактивност која го зголемува ризикот за развој на срцево заболување за 150 отсто.

За лекарите важен фактор се и алкохолот и пушењето. Пушачите имаат два пати повисок ризик за разлика од непушачите. Големите количини алкохол исто така го зголемуваат ризикот од покачен крвен притисок а со тоа и ризикот од срцеви болести.

– Повеќе ризик фактори ја зголемуваат можноста од болести на кардиоваскуларниот систем. Затоа се нагласува важноста на превенцијата на ризик факторите. Намалената исхрана, мало количество на сол, на заситени масти, физичка активност и откажување од цигарите и од алкохолот можат да ја намалат можноста за појава на срцеви болести. Примарното здравство треба навреме да ги открие шеќерната болест, покачениот крвен притисок и останатите ризични фактори и тоа пред промените во кардиоваскуларниот систем да можат да се детектираат. Само со превенција, со менување на животните навики, со правилна исхрана и со физичка активност може да се намали бројот на заболени, вели д-р Даниела Проевска.

Поврзани новости