Извештајот на Центарот на граѓански комуникации покажува дека секој трет догоров за јавна набавка во здравството од јануари до јули 2023 година бил само со еден понудувач.
Со отсуство на конкуренција, биле склучени 5.045 договори во вкупна вредност од 283 милиони евра.
„Секој трет договор за јавна набавка и во првото полугодие од 2023 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Со отсуство на конкуренција, склучени се 5.045 договори, во вкупна вредност од 283 милиони евра. Во првото полугодие од 2023 година намален е и просечниот број на понуди на сите постапки за јавни набавки и изнесува 2,8, наспроти 3, колку
што изнесуваше во 2022 година. Отсуството на конкуренција е особено загрижувачко во областа каде што се трошат значаен дел од јавните пари, а тоа е здравството. Конкуренцијата изостанува дури и во тендери со огромна вредност, како што е двегодишната набавка на инсулин и глукагон за 2023 и 2024 година, во вредност од 28 милиони евра“ се наведува во извештајот.
Гледано на ниво на сектори, особено е загрижувачка состојбата во здравството. Како што се додава, во сите тендери од оваа област кои беа дел од примерокот за мониторинг изостануваше конкуренција.
„Најголемиот тендер од нив беше за набавка на инсулин и глукагон, за периодот јануари 2023 – декември 2024 година, за потребите на населението на Република Северна Македонија, со проценета вредност од 1.721.782.346 денари со вклучен ДДВ, односно 27.996.461 евро, спроведен од Министерството за здравство.
Тендерот се состоел од 24 дела. На тендерот со свои понуди учествувале 6 фирми. Притоа, за 20 дела била доставена само по една понуда, во еден дел имало 3 понуди, а за три дела немало ниту една понуда. Сите шест фирми, како единствени понудувачи, добиле по неколку делови од тендерот“ појаснуваат од ЦГК.