Секој неисправен трактор, а посебно тракторите кои немаат исправна светлосна сигнализација и ја загрозуваат јавната безбедност, ќе биде отстранет од сообраќај, а за возачите следуваат санкции според Законот за безбедност во сообраќајот.
Проблемот со неосветлените трактори, кои се најзастапени во Тиквешијата, и кои во ек на гроздобер се движат по регионалните патишта и во тек на ноќ, бидејќи 24 часа се врши истовар на грозје, конечно ќе се реши. Со години наназад граѓаните апелираат за овој проблем, а секоја година десетици сообраќајни несреќи, од кои некои и со смртни последици, се случуваат токму поради несовесноста на трактористите.
Од СВР Велес за ,,Фокус” потврдија дека во тек се засилени контроли, посебно во Тиквешкиот регион, каде деновиве се одржува манифестацијата Тиквешки Гроздобер и има десетици илјади посетители од сите краеви.
Од таму појаснуваат дека секој тракторист кој ќе биде затекнат со технички неисправно возило, ќе биде исклучен од сообраќај и санкциониран, и нема да се толерира непочитување на законите.
Минатата недела пак, од СВР Велес упатија јавен апел до трактористите, пред да се вклучат во јавен сообраќај, да го доведат возилото во технички исправна состојба.
По објавата на апелот, бројни жители на Тиквешијата реагираа дека од искуства од минатите години, апелите не се од помош, туку полицијата треба ригорозно да ги казнува несовесните возачи кои свесно го ставаат на ризик животот на сите учесници во сообраќајот, за да заштедат 200-300 денари, колку што им се потребни за да постават задна светлосна сигнализација.
Вики Клинчарова