Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на тркалезната маса “Превенција и следење на корупцијата во судството”. Во своето обраќање Тупанчески се осврна на состојбите во судството и етичката одговорност на судиите.
,,Правосудството и борбата против корупцијата се дел од клучните точки на Кластерот “Основи” како еден од најважните во процесот на евроинтеграција. Почитувањето на етичките правила и принципи несомнено ќе ја подобри перцепцијата за судството, а во насока на зајакнување на довербата на јавноста.
Очекувањата на граѓаните се секој судија да биде пример за судиската независност, објективност, правичност, што ќе ја гарантира правната сигурност и ќе придонесува за достоинствен живот.”рече Тупанчески.
Со цел за унапредување на независноста на судството, преку низа законски решенија се обезбедени формалните гаранции за судската независност во смисла на: траен мандат, формирање на судскиот совет, посебен судски буџет, соодветно уредена дисциплинска постапка и основи за нејзино поведување, доволно широк опсег на оценување и санкции и слично.