Текстот е објавен на 27-ми мај 2011-та во неделникот „Фокус“ број 830
Пишувал
Стојан АНДОВ
Предострожноста на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во однос на Приговорот доставен од Групата од АНОК, а во врска со формулациите за обединување на Македонците и Македонија, била заснована на искуствата во повеќе европски земји и врз реалната состојба во регионот. Имено, македонскиот народ не е единствен кој имал и има вековни желби за сопствено обединување во своја држава и кој се соочил со сложеноста и ризичноста на тој процес.
Тешко е да се каже, кога кој народ на Балканот точно почнал да ги формулира своите национални програми и изградувањето на својата државна мисла. Тој процес на градење свест за национално обединување има политички карактер и главно го следи процесот на преродбата, што не започнал истовремено и не се одвивал со иста брзина кај сите балкански народи. Но, процесот на развој на национални програми и формирањето на државната мисла, речиси кај сите балкански народи главно се одвиваше во 19 век, а блиската историја од деведесетите години ни укажа дека не само што траел и во целиот 20 век, туку прашање е, дали сѐ уште не е завршен!
Кај сите балкански народи, преродбата остава најпрепознатлив впечаток во областа на образованието и културата. Во таа област предничела Грција. Грчкиот народ многу рано добил предност пред другите балкански народи што паднале под власта на Османлиската империја. Дел од грчкиот народ никогаш не паднал или многу подоцна паднал под господство на Османлиската империја. Островот Родос е освоен во 1520 година, Крит во 1669 година, а Јонските острови фактички никогаш не паднале под Османлиска власт!
Доминантната духовна положба на Цариградската патријаршија врз православните христијани на Европска Турција од паѓањето на Цариград 1453 година во мај, им обезбедува на Грците надмоќност врз останатите христијани, бидејќи власта сите нив ги третирала како Рум-милет, т.е како Грци. Деловите од грчкиот народ што не паднале под Османлиско господство комуницирале слободно со европскиот свет и биле дел од него и учествувале во главните трендови на модернизација кои се јавувале во тој свет.
Во тие услови, брзо се развивала просветата меѓу Грците, иако не постоела грчка држава. Бројот на грчките училишта доминирал во Европска Турција, а ги имало и во Италија, Јужна Франција и во други земји. Подоцна, грчките интелектуалци во бројните европски земји, како и грчките трговци од Турција и од Блискиот исток, биле важен фактор во поттикнувањето и развојот на филхеленизмот во европските земји!
ГРЧКИОТ ПРОБОЈ ВО ПРОСВЕТАТА
Укинувањето на автокефалните цркви, чии верници припаѓале пред сѐ на словенските балкански народи, што се случило во седумдесетите години на 18 век, овозможило високото свештенство, кое дотогаш било од етничките Словени, набрзо да се замени со владици – Грци. Секој Грк владика на должност меѓу православните христијани – етнички Словени, со себе задолжително водел и свој писар и во комуникацијата веднаш го воведувал грчкото писмо и грчкиот јазик. Така е отворен простор за пробој во просветата, преку отворање на училишта на грчки јазик во доминантно словенските средини во Европска Турција. Со тоа се создаваат и услови, грчкиот јазик да стане јазик на комуникација меѓу самите Словени во градовите, меѓу еснафите, и во чаршијата воопшто.
Овој напредок на грчката просвета и култура имал големо влијание и врз српскиот народ. Покрај другото, еден од културните центри на Србите, манастирот Хиландар на Света Гора, овозможувал близок контакт и интензивна комуникација меѓу српското и грчкото пониско свештенство, а поттикнувал и контакти меѓу другите грчки културни центри во Турција и српските средини кои биле надвор од Османската империја (Цариград, Смирна, Будимпешта, Сремски Карловци, Трст, Виена и др.).
Ова влијание, особено во српските градови, долго е видливо и во имињата што им се давале на децата. Во семејствата од градскиот слој се среќавале грчки имиња на децата, иако двајцата родители им биле Срби. Подоцна, во бранот на србизација, тие имиња нивните носители си ги замениле со српски, како што е случајот со Константин Новаковиќ, еден од најсилните интелектуалци во тој период во Србија, кој станал Стојан Новаковиќ, а најголемиот српски и балкански комедиограф од Алкибијад станал Бранислав Нушиќ!
Но, сите овие појави, како и доминантната позиција на Цариградската патријаршија, сепак немале сила да му се заканат на српскиот народ со негова хеленизација. Како и Грција, и Србија долго давала отпор на Османлиските освојувачи. Иако таа била турски вазал, внатрешниот живот во државата се одвивал самостојно. Белград паѓа под турска власт дури 1521 година, речиси 130 години после паѓањето на Бугарија и на Македонија под Османлиите. Голем дел од српското благородништво и интелигенција избегале пред освојувачите и нашле засолниште во унгарските, а потоа во хабзбуршките и руските центри. За струењата во просветата меѓу Србите, важно е да се напомене дека првиот српски буквар е отпечатен во Венеција во 1596 година.
Но, долго, речиси два века, просветата меѓу Србите се задржала во рамките на црквата и не дошло до нејзино ширење меѓу народот. Таа најчесто била привилегија на тенок слој српски благородници во Хабзбуршката империја и на свештенството. Квалитетна промена се случува дури во 1792 година, со основањето на првата српска гимназија во Сремски Карловци. Со тоа е започнато формирањето на модерната српска интелигенција. До тој пресврт доаѓа еден век после преоѓањето на голема маса од српското население од Косово и дел од македонското население од тетовскиот, скопскиот, кумановскиот и кривопаланечкиот крај во Австрија, пред сѐ во Јужна Унгарија.
Австрискиот император, ценејќи ја потребата за ангажирање на тоа население во одбраната од Османската империја, му признава верска автономија, па така, во католичката империја, автономно делува православната српска црква, само што патријархот е сведен на титулата архиепископ. Тоа население во Австрија наскоро станало имотно и ја создало групата Фрушкогорски манастири, која е позната и под името Српска Света Гора.
Во тоа време, просветените Срби одржувале културни врски и со слободниот Дубровник. Во сферата на просветата, Србите во Хабзбуршката империја не ги прекинале врските со грчката просветителна мрежа. Доситеј Обрадовиќ, на пример, во периодот на созревање престојувал и во Смирна, Турција, која тогаш била град со претежно грчко население!
ПРОСВЕТИТЕЛСТВОТО КАЈ СРБИТЕ И БУГАРИТЕ
Преродбата кај бугарскиот народ главно започнува подоцна, со појавата на делото „Историја Славјаноб’лгарска“ напишано во Зографскиот манастир во Света Гора во 1762 година, од отец Пајсиј. Се претпоставува дека овој бугарски деец е роден во Банско во 1732 година. Тој престојувал во Света Гора, а пред да го напише своето дело, престојувал и во Сремски Карловци. Таму се запознал со делата на Чезаре Барониус и Мавро Орбини, а се сретнал и со повеќе српски истакнати преродбеници, како што бил Јован Рајиќ и други. Престојот во Сремски Карловци и контактите што таму ги имал, го охрабриле отец Пајсиј да ја напише своето дело. Ова дело може да се нарече дека претставува почеток на преродбата во Бугарија.
Но, веќе и во делото на отец Пајсиј се гледа силна испреплетеност меѓу неговата преродбеничка просветителна улога и повикот и патоказот што тоа ги дава за националното освестување и за изградување на државна мисла на бугарскиот народ за обнова на средновековната бугарска држава. Делото на отец Пајсиј, всушност претставува основа за еманципација на бугарската национална свест и почеток на крајот на хеленизацијата на бугарскиот граѓански слој, која претходно веќе земала силен замав.
Просветителските текови кај српскиот и кај бугарскиот народ подоцна се пробиваат и кај нас, со дејноста на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, кои се јавуваат и како почетници на преродбата кај македонскиот народ. Паралелно со просветната и културната преродба, тече и процесот на национално освестување и борбата за ослободување од Османлиското господство на Балканот.
Првото српско востание, со своето десетгодишно траење претставува почеток на српската национална револуција, чија цел е обнова на српската држава. Подоцна, во контакт со неколку истакнати полски борци за национална слобода, министерот за внатрешни работи на српското кнежевство, Илија Гарашанин, го прави своето познато „Начертание“ во јули 1844 година. Тој документ фактички претставува повик за обединување на Србите и српските земји. Околу шест месеци пред акцијата на Гарашанин, идеите за обединување на грчкиот народ и за проширување на грчката држава, на грчкиот парламент му ги претставува тогашниот грчки премиер Јоанис Колетис.
И во случајот со Гарашанин и овој со Колетис, фактички се работи за декларирање на намера во државите на кои припаѓаат тие државници, да се оствари обединување на нивните народи. Тој пример, инициран уште од отец Пајсиј, го доживува и бугарскиот народ, со познатиот Сан Стефански договор. И тој договор се заснива на идејата за обединување на сите делови на бугарскиот народ во една држава.
Истовремено, во рамките на Источната криза, истата цел е поставена и од Призренската лига, само овој пат со барањето за обединување на албанскиот народ во една држава.
Македонските политичари, како и преродбениците, прашањето на обединувањето на Македонците го отвораат нешто подоцна, во 1893 година, со формирањето на ВМОРО во Солун.
Не само балканските народи, туку и повеќе народи во Европа, во разни периоди си поставувале како главна политичка цел – нивно обединување. После Првата Светска војна, унгарските државници констатирале дека повеќе од половината од унгарскиот народ живее во други држави, надвор од границите на Унгарија. И кај нив се раѓа вековната желба за национално обединување.
Кај Србите таа вековна желба е навистина вековна, бидејќи е декларирана од периодот на раните децении на новото српско кнежевство во 19 век, и веројатно, барем како државна политика, е завршена со Кумановскиот договор во јуни 1999 година!
СКАПО ПЛАТЕНИТЕ ГОЛЕМИ ИДЕИ
Грчката вековна желба за обединување, едно време формулирана како Мегали идеја, најтежок удар доживеа после Првата Светска војна, во грчко-турската војна, чиј исход во историското паметење на грчкиот народ и денес се доживува како трагична катастрофа. Врз основа на Лозанскиот мировен договор следеа спогодби за размена на население меѓу Грција и Турција со што ,обединувањето, за Грција се оствари со прием на милионски бројки Грци, бегалци од Турција.
Идеите за обединување на бугарскиот народ во една држава, формулирани според дизајнот на Сан Стефанскиот договор од 3 март 1878 година, предизвикаа најмалку три национални катастрофи на бугарскиот народ. Денес овие идеи во Бугарија ги застапуваат само политичките маргиналци и политички шпекуланти кои немаат ништо друго да понудат за иднината на Бугарија, туку се обидуваат да им дадат живот на старите заблуди.
И албанскиот народ скапо ја има платено вековната желба за свое обединување. На еден дел од териториите што ги означи Призренската лига како албански етнички територии, при крајот на ноември 1912 година е формирана сегашната Република Албанија, која од посилните сувоземни и прекуморски соседи често беше изложена на агресии, а едно време и самата ја проголта јадицата понудена од фашистичките режими, да служи како Пиемонт за обединување на сите Албанци во Голема Албанија.
Вековните желби за обединување на народите, својот легитимитет го црпат од некои европски искуства. Тој процес е остварен во шеесетите години од 19 век во Италија, а остварен е, само малку подоцна, и во Германија. Но, сепак, ни во едниот ни во другиот случај не е остварен во целина. Германските теории за тоа, дека јазикот е основа за националниот идентитет, служеа како основа на барањето за обединување на сите земји каде говорниот јазик е германски.
Но, и поради многу крвави војни и порази поттикнати од тој принцип, кон Германија не се присоединети: Австрија, делови од Швајцарија, од Белгија и од Чешка, а од вековните германски територии, како што беа: Источна Прусија, Судетите и Подунавјето, беа протерани милиони Германци. Во помал обем, протерувањето зафати и дел од италијанското население од Источниот брег на Јадранското море и од Истра.
Општо земено, обединувањето како вековна желба, и кога било остварувано и кога било неуспешно, најчесто било причина за големи страдања со безброј човечки жртви, материјални разорувања, семејни и лични страдања.
Како што се гледа и во документите на АСНОМ, обединувањето на македонскиот народ и обединувањето на Македонија зазема централно место. Но, од тие документи се гледа постоење на две струи. Една, понесена од идејата за обединување, истовремено покажува нужна свест за ризиците што ги носи таа идеја, и, друга струја, која без подлабоко размислување се приклонува кон таа привлечна идеја, и не покажува способност да ги согледа огромните опасности што обидот за нејзиното остварување ги носи.