Секој седми граѓанин е член на политичка партија, покажуваат истражувањата

by Fokus

Во Северна Македонија најчесто се гласа по етничка линија. Висок е процентот на граѓани кои се декларирале како членови на политички партии, а дури третина од нив на ланските избори учествувале на собири или јавни настани организирани од политичка партија.

Жените и младите се помалку вклучени во политичките процеси, покажува Компаративното истражување на изборните системи (КИИС) во кое учествуваа Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Програмата за поддршка на изборите во Северна Македонија (ИФЕС).

Доцентот, Јован Близнаковски од ИСППИ потенцира дека Северна Македонија првпат е дел од оваа голема меѓународна анкета што се спроведува веќе 25 години и дава преглед на изборното однесување на граѓаните во земјата.

– Главните наоди покажуваат јасно дека во Македонија многу се гласа по етничка линија, тоа е нешто што веќе го знаеме. Меѓутоа со овие наоди можеме и да дојдеме и до некој пресек на тој опсег на етничко гласање. Има исклучоци од етничко гласање, меѓутоа се многу ретки и се однесуваат само на одредени политички опции, истакна Близнаковски.

Од партиите на Македонците, само две имаат гласачко тело меѓу граѓаните Албанци и припадници на други етнички заедници, а истражувањето покажува дека Македонци не гласаат за партиите на Албанците.

Доцентот Близнаковски во дискусијата и врз основа на изнесените податоци од истражувањето изнесе размислување дека во земјава има поларизација по две основи и тоа по партиска и по етничка линија.

Истражувањето јасно покажува дека нашата земја е меѓу оние со најбројни членства во политички партии во Европа. Според податоците од истражувањето 13, 3 проценти од испитаниците кажале дека се членови партии, што не е многу помалку од 2017 година кога било 13,6 проценти. Просекот во ЕУ, како што беше истакнато е 3 до 5 проценти. Врз основа на овие податоци секој седми граѓанин кај нас е член на политичка партија.

– Граѓаните се многу често инволвирани во партиски активности. Голем дел од граѓаните имаат чести, дури на месечно ниво, партиски активности. Граѓаните се често инволвирани во кампањата. На пример, со ова истражување знаеме дека во текот на изминатата изборна кампања дури третина од граѓаните учествувале на некои собири, како митинг, или јавен настан организиран од политичка партија, вели тој.

Жените и младите се помалку вклучени во политичките процеси, а врз основа на истражувањето младите на возраст од 18 до 24 година се помалку заинтересирани за партиско инволвирање. Тоа, смета, доцентот Близнаковски, се некои работи што ќе треба во иднина да ги надминеме со цел да постигнеме некое покохезивно општество.

Податоците од истражувањето укажуваат на тоа дека гласачкото тело во голема мера било незадоволно од работата на претходната влада од 2020 до 2024 година, но и дека тоа незадоволство е различно по етничка линија.

– На пример гледаме кај етничките Македонци незадоволството е значително поголемо отколку тоа што е случај со етничките Албанци така што на некој начин може да се гледа на целиот исход од изборите како некоја казна за таа претходна влада. Што можеме да очекуваме понатаму, е навистина тешко да се каже. Ќе треба да видиме како оваа Влада ќе се однесува и како гласачкото ќе реагира понатаму, посочува доцентот.

Со ова истражување се покажува низ бројки дека партиите имаат постојано гласачко тело, но и колку гласови се прелеале од една во друга партија или коалиција.

На прашањето дали на сите избори гласате за иста партија, 37,4 % од испитаниците одговориле потврдно, 29, 8 % дека на повеќето избори гласаат за истата партија, 25,3 % дека гласаат за различна партија додека 1,1% дека никогаш не гласа.

Исто така се анализираат и причините зошто граѓаните гласале за одреден кандидат или политичка партија, како и причините за апстиненција.

Професорката Анмета Цекиќ, наведе дека одлуката за кого ќе гласаат, мнозинството граѓани ја знаат пред изборите (59,09%), но речиси 40 проценти тоа го прават за време на кампањата (32, 8%) или на денот на избори (6,8%).

На претседателските избори најмногу испитаници одговориле дека причина за избор на претседателски кандидат е затоа што сметале дека тој/таа за него била најдобра (37,8%), а потоа следува одговорот дека тоа е поради партијата која ја поддржува (34,87%). За парламентарните избори најмногу од Македонците (34%) одговориле дека за одредена партија или коалиција гласале поради програмата на партијата, додека кај Албанците доминира (35) довербата во раководството на партијата.

Како главна причини за апстиненција граѓаните наведуваат дека не ги интересираат изборите и политиката (36%) и оти им е сеедно која партија ќе победи бидејќи сите се исти (30,2%). Кај граѓаните до 34 години најмногу доминираат овие два одговори.

Теренското истражување е направено во период од 25 октомври – 4 декември 2024, реализирани се вкупно 1056 анкети, а стапката на одговор е 56,2%, а оваа презентација содржи само дел од националните наоди. Опфатени се сите плански региони, а користени се податоци од Државниот завод за статистика врз основа на последниот спроведен попис.

Поврзани новости