Веста дека во нашиот Здравствен дом шест години работел лажен лекар ме изненади, но не би рекол и дека ме шокираше, бидејќи во Македонија не е прв пат да се случи вакво нешто. Јавноста се сеќава на повеќе слични настани во изминатите години, во неколку градови – за ,,Фокус” вели Спасе Кочовски, градоначалник на Општина Вевчани, по повод случајот со лажниот лекар.
Појаснува дека Здравствениот дом пружа услуги на околу 30.000 луѓе, и дека таму освен десеттина општи лекари, работеле и голем број на специјалисти.
Станува збор за институција која функционира со децении и располага со стручни кадри, како и модерно опремени објекти, не само во Вевчани, туку и во околните села.
Лажниот лекар бил млад човек, не бил оженет и немал деца, а живеел со родителите. Сепак, како што вели градоначалникот, тоа не е оправдување за она кое го сторил.
-Секој возрасен човек си е одговорен за своите постапки. Ова е изолиран случај, во Здравствениот дом имаме посветени и професионални медицински кадри, па да не се фрла дамка врз сите. Кој погрешил, треба да си сноси одговорност- вели Кочовски.
Како потсетување, 33-годишниот лекар од Вевчани шест години без диплома и завршен медицински факултет работел во Итната медицинска помош при Здравствениот дом.
Неофицијално, во времето додека работел, против него немало претставка поради лекарска грешка или пак поради дисциплински прекршок.
По расчистувањето на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вики Клинчарова