Калина Велковска – Кали беше една од шесте кандидати кои беа избрани да учествуваат на домашниот избор на песна за Евровизија, а според гласовите на јавноста, таа заврши како второпласирана, зад Виктор Апостоловски. Избраната претставничка Андреа тогаш се најде зад Кали, како третопласирана според број на гласови од народот, но беше избрана да ја претставува Македонија бидејќи последниот збор го имаше жири комисија составена од членови од странство.
Кали освои 7.539 гласа, наспроти Андреа со 4.300 и Виктор со 12.621 глас.
Околу случувањата кои се актуелни деновиве, по настанот со Андреа која го фрли македонското знаме на земја, што предизвика бурни реакции, Кали за ,,Фокус” раскажува дека воопшто не ги следи случувањата, бидејќи нејзината приказна со Евровизија завршила во моментот кога не била избрана, па дури и не ја гледала видео снимката со знамето.
-Секоја година, кој и да биде избран да ја претставува Македонија на Евровизија, јасно ми е дека ќе јаде ќотек. Мислам на вербален ќотек, што еве повторно се случува.
Јас завршив како второпласирана според бројот на гласови од јавноста, и се повлеков од приказната. Доволно ми е да знам дека публиката го цени и вреднува она кое е квалитетно кај изведувачот, затоа што добрата песна секогаш останува.
Воопшто не ги следам случувањата со Андреа, свртена сум кон кабарето каде настапувам, се пронаоѓам во ова кое ми се случува сега на професионален план, а не изостануваат и позитивните критики од еминентни луѓе од оваа област, регионални менаџери кои ги следат моите настапи.
Продолжувам со авторска работа, нема место за разочарување по домашниот избор за песна на Евровизија, окупирана сум со настапи – вели Калина, која го привлече вниманието на регионалната јавност уште пред две години, како учесничка во бугарското музичко шоу ,,Гласот”, а пак во 2016 година беше придружен вокал на Калиопи на Евровизија.
За Андреа, вели дека е доста млада и неискусна, но во секој случај, и ја давала својата поддршка.
-Премногу е млада, неискусна, но така се гради карактер и кариера, со добри и лоши искуства со кои треба да се соочиме со крената глава. Ја има мојата поддршка, јас дури на почеток размислував и да заминам во Италија на настанот, како еден вид на морална поддршка на тимот – појаснува Кали.
Додава дека според реакциите на публиката, сфатила дека најмногубројни биле тие кои сметале дека македонскиот претставник на Евровизија треба да пее на мајчин јазик, а не на англиски. Таа учествуваше на изборот со песната „Love and light“ за која музиката ја напиша Давор Јордановски, текстот е на Весна Малинова, а аранжманот на Никола Васков – Нино, Давор Јордановски и Петар Луќиќ, и вели дека многу повеќе и се допаднало како звучи македонската верзија на песната.
Вики Клинчарова