Во Македонија едно од девет возрасни лица имаат дијабетес во 2019 година или околу 175 илјади луѓе. Продолжува да расте бројот на лица со дијабетес и во светот. Споредено со 2017 година кога се публикувани последните резултати од осмото издание на Дијабетес атласот, бројот на лица со дијабетес од 425 милиони е пораснат на 463 милиони, односно зголемен е за 38 милиони, според најновото деветто издание на Меѓународната Федерација за Дијабетес (International Diabetes Federation – IDF).
Ова зголемување на бројот на лица со дијабетес е еднакво на бројот на жители во една голема европска држава како Полска или повеќе од двојно повеќе од бројот на жители во земјите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора). Се проценува дека до 2045 година оваа бројка ќе надмине 700 милиони или секој деветти човек во светот ќе има дијабетес. Десет отсто од здравствените трошоци во светот се трошат за дијабетес (760 милијарди долари), се наведува во соопштението од Асоцијацијата на на деца со дијабетес – БАЛАНС МК по повод Светскиот ден против дијабетес.
Според податоците на Меѓународната Федерација за дијабетес (IDF), едно од 11 возрасни лица (20-79 години) има дијабетес (463милиони), како и 1.110.100 деца и адолесценти на возраст под 20 години. Едно од две лица со дијабетес се недијагностицирани – 232 милиони. Едно од шест раѓања (20 милиони) е засегнато од зголемен крвен шеќер, од кои 84% се должат на гестациски дијабетес (дијабетес во бременост).
Преваленцата на дијабетес (процент на лица засегнатиод дијабетес во однос на вкупната популација) за лица на возраст од 20-79 години на светско ниво изнесува 9.3%, а се смета дека до 2045 година ќе изнесува 10.9%. Преваленцата во Македонија во 2019 година изнесува високи 11.1% што соодветствува на 175 илјади лица на возраст од 20-79 години, или секој деветти возрасен човек во Македонија има дијабетес.
Зголемената преваленца на дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечки начин на живот, зголемена телесна тежина, недоволна физичка активност и поголем внес на нездрава храна.
Во светски рамки половина од луѓето со дијабетес се недијагностицирани, односно не знаат дека имаат дијабетес. Стапката на дијагностицирани случаи може да се подобри со зголемена свесност за симптомите за дијабетес тип 1 (жед, зголемено мокрење, замор, ненадејно губење на телесна тежина, глад) и зголемени можности за скрининг на лица со висок ризик за дијабетес тип 2 (напредна возраст, зголемена телесна тежина, компликации, ниско ниво на физичка активност и нездрава исхрана).
Тоа што треба посебно да загрижува, според Меѓународната Федерација за дијабетес (IDF), е што со растот на бројот на лица со дијабетес се зголемуваат и трошоците за дијабетесот. Се смета дека на дијабетес отпаѓаат 10% од вкупните здравствени трошоци во светот (760 милијарди долари).
Бидејќи се проценува дека 700 милиони луѓе ќе имаат дијабетес до 2045 година , неопходно е повеќе напори да се вложат во имплементација или подобрување на националните планови за превенција на дијабетес тип 2 и гестациски дијабетес и воведување на трошковно-ефикасни мерки за справување со дијабетес тип 1, тип 2 и гестациски дијабетес.
Во земјава е подготвена Национална Стратегија за справување со дијабетесот. БАЛАНС МК очекува од македонската јавност поддршка во Барањето за набавка на сензори за безболно мерење на гликемија на 500 деца и адолесценти во Македонија, како и исполнување на ветувањето за нивна набавка од Министерството за здравство, Владата и ФЗОМ час поскоро. МИА