Со емотивна објава на социјалните мрежи, Катарина Николовска, ќерка на легендарниот пејач Гоце Николовски, се присети на годишнината од неговата смрт.
-16 години, секој 16-ти декември умирам. Недостасуваш… Твои сме… Те сакам – објави таа пред неколку дена.
И по 16 години од неговата смрт, Гоце останува запамтен како еден од музичарите кои оставија посебен белег на нашата музичка сцена. Ја доживеа најголемата популарност во 1990 година, кога на Фолк Фест Валандово ја отпеа ,,Бисер Балкански” и го освои првото место.
Песната во 2000 година беше прогласена за Песна на векот во Македонија, и до денес е еден вид на неофицијална, народна химна. Николовски е роден во Скопје, но кариерата ја започнал во Ниш, каде тогаш живеел. Остави богата музичка ризница, а веста за неговата смрт во 2006 година, на негова 58-годишна возраст, ја потресе целата јавност. Како што тогаш објавија медиумите, тој извршил самоубиство во домот во Скопје, а неговото тело го пронашол син му Александар.
-Соседите слушнале истрел од пиштол од неговиот дом околу 22 часот. Син му Александар се вратил од излегување околу два часот наутро и го пронашол неговото тело. Покрај него бил пиштолот и порака до семејството – беа ударните вести во тој период.
Николовски беше во брак со Весна, со која ги добија синот Александар (36) и ќерката Катарина, но со години наназад тие живеат повлечени од медиумите и немаат дадено интервју поврзано со Гоце. Од она кое го објавуваат на социјалните мрежи, познато е дека мајката и ќерката живеат во Ниш. Синот на Николовски пак, Александар, пред десет години, односно шест години по смртта на татко му, се појави на сцената на Охрид Фест и најави музичка кариера.
Настапи под уметничкото име Сандро Николовски и ја отпеа џез баладата ,,Што е среќа”. Тогаш во интервју ни кажа дека се посветува на музиката, и сака да зборува само за професионалните планови и проекти, но не и за неговиот татко, бидејќи темата била болна за целото семејство.
Но, иако можеби јавноста очекуваше музичка кариера од наследникот на еден од најдобрите пејачи кај нас, сепак Сандро за кратко се повлече од сцената и нема информации каде живее и со што се занимава сега.
Вики Клинчарова