Студентите од студентските домови во Скопје во рамки на Државниот студентски дом „Скопје“ денеска беа непријатно изненадени кога без никакво предупредување, беше прекинато снабдувањето на домот со вода од страна на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Од ДСД, во чии рамки се четирите студентски домови (Гоце Делчев, Стим Наумов, Кузман Јосифовски – Питу и Невене Георгиева – Дуња), соопштија дека оваа постапка е без оправдување, со оглед на фактот што, велат од таму, го информирале раководството на „Водовод и канализација“ за долгот и веќе пронашле решение.
„Долгот кон ЈП „Водовод и канализација“ не е направен од новото раководство на домот. Напротив се работи за долг стар 5 години, направен од претходното раководство, со што е нарушено живеењето и секојдневните потреби на студентите во домот. Пет години не е платена фактура за вода и тоа е толерирано“, велат од таму.
Во координација со Владата на Република Македонија и со Министерството за образование и наука, на последната владина седница, во вторникот, на 26 септември, е донесена одлука да се обезбедат средства во потребната висина, за целосно покривање на долгот за вода.
Инаку, ова е трето исклучување на водата во студентскиот дом и тоа секогаш се прави без најава.