Секјуриком: Не гледаме повреда на законите со тоа што хигиеничарки работат на две места за една плата

by Fokus

Секјуриком Мултисервис во најбрз можен рок ќе ги исплати платите на вработените, тврдат од компанијата за „Фокус“. Од таму додаваат дека го почитуваат интегритетот на вработените и дека досега не доцнеле со плати, иако вработените тврдат дека тоа се почесто се случува.

Нашите извори тврдат дека пред повеќе од две години, од нив било побарано одобрение да им се одземат 1.700 денари од месечните примања со цел да помогнат на компанијата, а често се случувало да земат половина плата, а наредниот месец да им биде исплатена другата половина.

Од австриската компанија не гледаат никаква повреда на законските одредби со тоа што дел од хигиеничарките работат на две места за минимална плата.

„Нашите вработени имаат редовен работен однос, со скратено или полно работно време. Нашата компанија нуди професионални услуги на приватни и деловни корисници за кои е потребно присуство во нивните објекти. Природата на работата е таква да дел од вработените работат теренски, на повик и на различни локации, што впрочем е сосема нормално. Секако дека за тоа се известени во моментот на вработување и се добро запознаени со условите. Како компарација може да се земе и примерот со просветните работници, кои за да го исполнат потребниот фонд на работни часови, одржуваат настава во две или повеќе училишта“, велат од Секјуриком за „Фокус“.

Сепак, во врска со доделувањето на К15 во вредност од 2.000 денари, од компанијата се повикуваат на колективениот договор и тврдат дека немаат обврска да го исплаќаат регресот.

„Групацијата Секјуриком се погрижи за своите вработени да обезбеди минимален регрес за годишен одмор и покрај тоа што според закон сме ослободени од такви давачки. Нашата приоритетна дејност е 81.29 останати услуги за чистење не спомнати на друго место, која е во групата IV/Л – административни и помошни услужни дејности кои се утврдени во националната класификација на дејност и според толкувањето на организацијата на работодавачите на Република Македонија, која е потписник на општиот колективен договор за приватниот сектор во областа на стопанството нема обврска да исплаќа регрес на вработените. Затоа, во услови кога компанијата работела со минимална добвка поради неподмирени побарувања не го намаливме бројот на вработени, ниту нивните месечни примања и одлучивме да доделиме минимален износ иако немаме обврска, велат од Секјуриком.

Претходно, од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнаа дека колективниот договор не ја амнестира Секјуриком од обврската да го исплаќа овој додадок.

Александар Тодески

Поврзани новости