Системот „Сејф сити“ треба да профункционира од 1 јануари 2026 година, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Тошковски рече дека за овој систем за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци да почне да работи, освен поставување техничка инфраструктура, треба да се усогласат низа закони. Формирана е работна група во која има експерти од различни области, претставници на повеќе институции и МВР, кои, според министерот, интензивно работат на решение.
„Што се констатираше досега? Неусогласеност на законите од аспект на нејасно дефинирање на Кривичен законик (КЗ) со Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата и Закон за прекршоци. Преклопување на дејствија на извршување. Значи, ние мораме да опфатиме измени и дополнување на КЗ за да разграничиме јасно што е кривично дело, а што е прекршок од аспект на безобѕирно управување со моторно возило, и мене ако ме прашате лично, да додадеме во рамки на дејствијата на безобѕирно управување со моторно возило и одземање на возачка дозвола“, рече Тошковски.
Министерот додаде дека мора да се регулира доказната вредност на камерите.
„Од денешен аспект, управување со моторно возило од аспект на забрана кога се изрекува, на еден начин е дефинирано во Законот за безбедност, на сосема друг начин е регулирано во Законот за извршување санкции. Не е јасно од кога почнува да тече изречената забрана. И го знаат тоа луѓето, го знаат тоа македонските граѓани, оние барем коишто се казнети. Се упатуваат до Министерството, па им велат – не сега, не сме ја примиле итн. Тоа мораме да го решиме. Доказната вредност на камерите во рамки на Законот за прекршоци мора јасно да се дефинира за да можеме да ја употребуваме како доказ во рамки на судска постапка. Одговорност на сопственикот на возилото. Ако не тргнеме од правна претпоставка дека тој што го регистрирал возилото е одговорен, иако го дал на некој од неговата фамилија, за сторениот сообраќаен прекршок, ништо не сме сториле“, рече Тошковски.
Според министерот, еден од најголемите проблеми за ефективно казнување е доставата.
„Како ќе го вршиме тоа? Прочитав некоја информација во јавноста дека Министерството ќе ги доставува сликите преку телефон, што, да речеме дека на еден начин е така. Но, информацијата за сторен прекршок многу е битно кога ќе биде доставена до граѓанинот. Сега, за одреден прекршок сторен 2020 година, постапката се отпочнува 2022, 2023, па можеби и 2024 година. Со новите измени, целта е ако денес сме сториле прекршок, во рок од 24 часа, ден, два, три максимум, да добиете известување дека сте сториле прекршок. Многу е битен ефектот од аспект на временска рамка. И во рамки на тоа известување што ќе го добиете, ќе добиете линк што ќе може да го кликнете и од таму ќе може да ја симнете фотографијата што е доказ дека навистина на тој и тој ден возило тоа и тоа поминало на црвено“, вели министерот за внатрешни работи.
Тошковски рече дека мора и да се одвојат луѓето што повторно прават прекршоци од оние што првпат прават прекршок. За повторниците смета дека, во одредени околности, треба да биде задолжително одземање на моторното возило.
Прашан дали при воспоставувањето на системот „Сејф сити“ постојат дилеми и од аспект на човековите права и загрозување на приватноста, Тошковски рече дека најголемите дилеми се, всушност, во тој правец.
„За тоа имаме ангажирано експерт од уставно право во рамки на групата. Темелно го имаме фатено ова да го работиме. Ова не го работиме месец дена. Комисијата активно работи повеќе од четири-пет месеци, можеби и од самото мое назначување. Ова е макотрпна работа. Има една верзија на закон што ја изготвивме, но сè уште сме во фаза на разграничување на овие дилеми. Заради тоа имаме јавна трибина на 21 февруари каде што се поканети огромен број луѓе од фелата, експерти, судии, обвинители, професори итн. Така што, ќе ги ставиме на маса сите овие решенија што ги предвидуваме и ќе видиме што сè друго би можело да се регулира, како да се регулира итн.“, рече тој.