Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека вечерва регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.
Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на Македонија и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени.
Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2, а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Според досегашните податоци, овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикаа материјални штети, велат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
ФОТО: Телма