Сега „врие“ од нечесни полицајци, порано ни Господ не ги примаше!

И полицајците не го почитуваат законот

by Fokus

И покрај тоа што тие треба да го почитуваат и спроведуваат законот, полицајците некогаш запаѓаат во незаконски ситуации кои во секој случај ја расипуваат сликата на Министерството за внатрешни работи на Македонија.

Во текот на вчерашниот ден, полицаец и вработен во бензинска станица, се обиделе да украдат 150 литри нафта, а тоа е само едно од незаконските дејства во кое фигурирала функцијата „полициски службеник“. Претходно, на 8-ми март полицаец и наркобос беа приведени, поради сомнеж за грабежот во „Уни“ банка во Скопје.

За честите запаѓања во законски неприлики на полициските службеници говори и статистиката што ја добивме од МВР:

Во текот на 2020 година, во случаите каде се утврдени незаконитости во постапувањето на овластените службени лица кои имаат обележја на кривично дело, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди се поднесени 19кривични пријави против 29  вработени во МВР (од нив 27 се полициски службеници ) за сторени 21 кривично дело, од кои седум кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, пет кривични дела „малтретирање во вршење на служба“, три кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и по едно кривично дело „примање поткуп“, „лажно пријавување на кривично дело“, „насилство“, „мачење и друго сурово и нечовечно или понижувачко постапување и казнување“, „повреда на чување на државната граница“ и „несовесно работење во службата“.

Состојбата не е подобра ни во текот на минатата година, кога се утврдени незаконитости во постапувањето на овластените службени лица кои имаат обележја на кривично дело.

Па така се поднесени 17 кривични пријави против 43 вработени во МВР (од нив 14 се полициски службеници) за сторени 21 кривично дело, од кои  10 кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, четири кривични дела „несовесно работење во службата“, три кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и по едно кривично дело „примање поткуп“, „фалсификување службена исправа“, „предизвикување на општа опасност“ и „послужување во службата“.

Националниот координатор за гранично управување и универзитетски професор, Владимир Пивоваров направи споредба со однесувањето на полициските службеници во минатото и сега.

„Во периодот по осамостојувањето почнаа да се излегуваат првите никулци на нечесни полицајци, но сепак тоа беа мал број на изолирани случаи кои силно беа осудени од нивните колеги. За жал, денеска состојбата е обратно пропорционална, мал број на чесни и професионални кадри и голем број на оние од спротивната страна. Оваа се потврдува со многу параметри како што е број на поднесени кривични пријави, колку од истите се издржани, колку се отфрлени а колку добиле правосилна пресуда со кој е одземен незаконски стекнатиот имот“, го започна разговорот Пивоваров.

Токму поради ваквите постапки на однесување на полициските службеници, се губи угледот на институциите во системот.

Нешто што мора под итно да го менуваме бидејќи во иднина ќе немаме таква можност, анализира нашиот соговорник и додава дека е крајно време да се покажат конкретни ефективни резултати, затоа што според него само на тој начин ќе се врати довербата на граѓаните кон институциите.

И работата на полициските службеници во време на поранешна Југославија била далеку поефикасна во однос на ова, поново време.

„За време на поранешна Југославија полицајците прво конкурираа во средното полициско училиште па откако ќе ги поминеа сите проверки вклучувајќи ги и безбедносните, почнуваа со четиригодишно образование по што беа упатувани на служба во сите градови на Социјалистичка Република Македонија и тоа првиот ден по матурирањето. Тоа беше четиргодишно школување со логорување и практична настава.

 

Денеска кандидатите за униформирани полициски службеници посетуваа курс од неколку месеци по што полагаат стручни испити и заминуваат на своето работно место. Средношколците во средното полициско училиште Елисие Поповски Марко секое утро на платото кога се подигаше знамето на СРМ ја пееја нашата химна. Сите ја знаеа на памет. Денеска не е така“, додава тој.

А обуката за влегување во полициска униформа сега и пред 30-40 години, според Пивоваров, има огромна и неспоредлива разлика.

„Разликата во обуката тогаш и сега е многу поразлична и во квалитет и квантитет. За да направите дистинкција помеѓу тогашната едукација и сегашната мора да ги погледнеме резултатите од работењето на полицијата тогаш и сега. Степенот на ефикасност во откривањето на НН сторители на кривични дела, тогаш се движеше околу 85 до 90%, а денеска откривачката дејност е на многу мало ниво.

 

По осамостујавњето на нашата држава, откривачката дејност на нарко дилери со хероин искажано во килограни се движеше во стотици килограми на подрачјето само на СВР Куманово, а денеска таа откривачка дејност се мери во грамови. За корупција беа апсени, судии, обвинители, градоначалници, пратеници, полицајци, цариници, доктори а денеска таква активност немам забележано што сепак се должи на едукацијата на кадрите“, појаснува Пивоваров.

Проблемите кои ги следат полициските службеници се како домино ефект – поврзани еден со друг и уште толку го продлабочуваат проблемот и нема ни тронка светлина дека ќе се стави крај на таквите дејанија.

Па така се поставува прашањето, дали степенот на образование на полициските службеници игра улога врз нивното однесување додека на себе ја имаат полициската униформа.

На последниот конкурс за прием на 600 полициски службеници во МВР во 2019 година, 586 кандидати засновале редовен работен однос во Министерството за внатрешни работи како полицаец – приправник. Согласно електронската евиденција на МВР, 19.8% од вкупниот број на полицајци имаат приложено дипломи за високо образование.

Строго регулиран процес бил приемот на полициски службеници пред триесетина години, за разлика од сега кога тие работи се сменети.

„Тогаш на конкурсите се јавуваа ограничен број на лица, а не како сега, за секое место конкурираат триесетина кандидати. Критериумите за прием на школување, а потоа и во служба беа многу високи, а оној кој истите не ги исполнуваше ни Господ не можеше да му помогне да биде примен. Тогашните морални и етички вредност кај граѓаните беа на високо ниво. Луѓето кои конкурираа за прием во безбедносните служби тоа не го правеа само за да обезбедат лична егзистенција, туку и патриотизмот беше нивниот мотив“, раскажува тој.

Како што додава Пивоваров, тогашните проверки, односно прибирањето на информациите за кандидатот се барани од повеќе извори се со цел да бидат објективни, а чесноста на кандидатот била врвен приоритет. Можност во службата да влезе лице и со најмал сомнеж за неморално однесување не можело да се случи.

„Оттогаш до денеска сведоци сме на распад на моралниот систем, моралните вредности се на најниско можно ниво, а со самото тоа и критериумите се на незвидно ниво. Многу често на меѓународни конференции разменувам мислење со колегите од регионот дали не е дојдено време во последен час да направиме дерогација на правото и за утврдување на интегритетот на кандидатите за прием во службите да почнеме со употреба на најсовремени технички помагала – најсовремените полиграфи“, додава Пивоваров.

Уште на крајот на 70-тите години, бил отворен Факултетот за безбедност во Идризово, а тогашниот критериум за прием на студенти бил премногу строг, што не е случај за денешно време, вели нашиот соговорник.

„При студирањето немаше никаква можност за било каква ургенција кај професорите што денеска не е случај. Посебни обуки за веќе вработените лица скоро и да немаше, но наши учители беа нашите постари колеги да не кажам ментори, чесни луѓе, професионалци.

 

При крајот на деведесеттите години дојде до почеток на распадот на безбедносниот систем кога тогашната власт направи кадровски погром менувајќи искусни и чесни професионалци носејќи партиски кадри пред се со сомнително минато, несоодветно образовани кои процес продолжи и во следната деценија. Наместо лица со завршен факултет за безбедност, почнаа да се примаат лица со педагошки факултет, земјоделски факултет, драмски уметности и останати факултети кои немаат допирна точка со безбедноста“, категоричен е Пивоваров.

Според него, од ваквите полицајци не може да се очекуваат резултати но, додава дека тие кои носеле такви одлуки свесно и намерно го растурале полицискиот и безбедносниот систем бидејќи така им одговарало.

„Само за илустрација при распад на СФРЈ и осамостојувањето на нашата држава, тогашно РСВР броеше точно 8 600 вработени. Армија немавме и токму овие луѓе се тие кои секојдневно ја зацврстуваа нашата самостојност. Денеска севкупниот безбедносен систем брои дупло повеќе вработени, но резултатите од работењето не се ни приближно исти“, посочува нашиот соговорник.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости