Сега не треба да се отвора Уставот, смета Пендаровски

by fokus

Ставот на претседателот на државата Стево Пендаровски е дека највисокиот правен акт – Уставот не треба да се отвора премногу често, туку само кога навистина има причина за тоа.

– Сензитивно е прашањето. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот, ако ме прашате мене, не ни треба. Сега, на Република Северна Македонија не и треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа, смета Пендаровски.

Претседателот на денешната прес-конференција по седницата на Советот за безбедност, одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, вели дека секојпат е добро да се рационализираат трошоците кои државата ги прави, не само во случајот за оваа иницијатива.

– Познато е дека ние имаме гломазен државен апарат и Собранието влегува во тој државен апарат. Се што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел јас го поддржувам. Меѓутоа, во политичкиот дел е секојпат проблематично кога го отворате Уставот. Мој став е дека Уставот ние во изминативе години премногу често го отворавме. Уставот не треба пречесто да се отвора. Уставот треба да се отвора кога навистина има причина за тоа, рече Пендаровски.

Во однос на инсистирањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори, Пендаровски вели дека тоа не е прашање за претседателот на државата.

– Ако ме прашувате како граѓанин, јас тоа го коментирав неодамна. Веројатно сите ние кои живееме тука заслужуваме една година и да немаме избори. Знаете од 2015 година имавме постојано некакви избори, вклучително и референдумот кој е еден вид избор. Меѓутоа, тоа е апсолутно автономно право на политичките субјекти во Собранието. Постои само еден начин да предизвикате предвремени избори, односно 61 пратеник да притиснат копче и да го распуштат Собранието. Не би сакал да навлегувам во тој дел повеќе, заклучи Пендаровски.

Поврзани новости